Во наредните две години ќе бидат доделени осум стипендии за студенти од Република Македонија за постдипломски студии на МБА програми на Ешриџ Бизнис Школата (Ashridge Business School) од Велика Британија, како поддршка на процесот на зајакнување на менаџерските капацитети во земјава.
Тоа го овозможува Меморнадумот за соработка што го потпишаа министерот за образование и наука Спиро Ристовски и извршниот директор на Ешриџ Бизнис Школата, Каи Питерс.
„Стипендиите се во вредност од 16.250 фунти и покриваат 50 отсто од школарината на избраните кандидати. Ќе се доделуваат во четири приемни рокови, односно во март и септември 2014 и 2015 година. Селекцијата по завршувањето на конкурсоте ќе ја врши Министерството за образование и наука врз основа на стандандните критериуми, предвидени од страна на Ешриџ“, рече министерот Ристовски по потпишувањето на меморандумот и додаде дека од интересот на студентите ќе зависи и бројот на стипендии што во иднина ќе ги доделува Ешриџ.
Тој посочи дека стипендистите ќе можат да ги надградат постојните и да научат нови вештини и способности за менаџирање, водење бизнис и претприемништво во една од најдобрите 20 бизнис школи во светот, според престижните бизнис магазини „Financial Times“ и „Business Week“.
„На потенцијалните стипендисти им престојат повеќе предности од МБА програмите на Ешриџ Бизнис Школата. Стекнувањето на МБА диплома од ваква престижна институција е можност да се биде дел од влијателни академски мрежи и бизнис здруженија што, пак, создава услови за потенцијални бизнис потфати и партнерства на меѓународно ниво“, истакна Ристовски.
Извршниот директор Питерс рече се надева оти оние што ќе бидат избрани кога ќе дојдат во Ешриџ ќе можат да се стекнат со добри искуства во институцијата која има добра позадина и искуство во подготвувањето на државни службеници и кадри за бизнис сферата.
Тој посочи дека Ешриџ во Македонија во моментов работи на три главни проекти и оти сакаат во иднина да ја продлабочат соработката.
„Првиот проект е зајакнувањето на капацитетите на македонската администрација, вториот е програмата за постдипломски студии, а третиот е проектот во област на образованието наречен „Еден свет“. Се надевам дека тоа е само почеток на успешната соработка што ќе следи во иднина“, рече Питерс.
Независната и непрофитна организација „Ешриџ“ основана во 1959 година е интернационална бизнис школа која нуди широко портфолио на образовни услуги, вклучувајќи приспособени бизнис програми за менаџери, МБА програми, магистерски и дипломски квалификации, применети истражувања, како и кансалтинг услуги.