Општина Струга соработува со младите стружани

 Група ученици од економската и правната струка од СОУ „Нико Нестор“ овој четврток (31 октомври) ќе ги посетат различните сектори  во Општината Струга, со цел да се запознаат со нивната работа. Со ова, Општината покажува отвореност  за соработка и транспарентност кон јавноста и граѓаните. Ваквите посети ќе им овозможат на граѓаните да го разберат општинскиот систем, да видат како функционира градскиот совет и секторите во општината.

 Тоа воедно е и целта на проектот „Струга – запознајте ја вашата општина“ кој досега ги реализираше следниве активности: формирање на две групи составени од млади од сите етнички групи, кои се припадници на политички партии или се студенти заинтересирани за да се запознаат со процесот на донесување одлуки во општината. Избраните учесници поминаа циклус обуки во кои се запознаа со функционирањето на општинската администрација. Понатаму истите присуствуваа на седниците на Градскиот совет и помогнаа во создавањето на три видеа со кои се промовира работата на општината. 

 Најавената посета во четврток е завршната активност од проектот кој е поддржан од Амбасадата на САД, а имплементиран од Локалната агенција за развој од Струга, во соработка со Општина Струга и средните училишта во општината.