Од Здружението на приватните електронски медиуми информираат дека од 1. јануари 2014 година, треба да стапи на сила Законот за филмска дејност, според кој се предвидува околу 1,1% од бруто приходот на телевизиите на годишно ниво да оди за Агенцијата за филм, која треба да се формира на местото на Филмскиот фонд кој функционираше досега.
Собранието на Република Македонија го донесе овој Закон на седницата која се одржа на 31. мај оваа година. Директорот на оваа агенција ќе го именува и разрешува Владата на РМ.
„Според нас, ова ќе биде уште еден удар врз, и така, разнишаните медиуми во државата. На овој начин државата станува „ортак“ со медиумите. Ако на ова се додадат и процентите кои ги плаќаме за авторските права, според последните измени во Законот за авторски и сродни права, состојбата станува и повеќе од алармантна. Веќе една година предупредуваме на штетата која ќе се предизвика со последните случувања во медиумската сфера во РМ. Со двете здруженија за наплата на авторските права, а сега и со новиот надоместок за Агенцијата за филм процентот кој ќе треба да го издвојат медиумите за истото е неверојатни 5-6, а можеби и повеќе проценти од Бруто приходот. Која е таа компанија која може да преживее на пазарот без 8% од приходот годишно. Медиумите плаќаат вработени, придонеси, се купува опрема, се плаќаат даноци. Тоа се многу пари, се вложува, а често годината може да се заврши и во минус, а сепак, близу 8% од вкупниот приход треба да се плати за оваа намена“, предупредуваат од ЗПММ.
Со новите измени се засегнати и кабелските оператори, кои ќе треба да издвојат 2,5% од вкупниот приход. Субјектите кои обезбедуваат само интернет услуги ќе платат 2,5%, додека правните лица кои вршат кино-прикажување ќе издвојуваат 5%. Компаниите кои вршат дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови ќе треба да платат 3%, додека оние кои приредуваат игри на среќа или забавни игри ќе треба да платат 1,3% од приходот.