Од 1 март задолжително критериум за стадион на кој се игра прволигашки фудбал

На работниот состанок меѓу претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски и претставниците на клубовите од Првата фудбалска лига се дискутираше на актуелни теми кои значително влијаат и можат да придонесат за развој на натпреварувањето.

Претставниците на клубовите се изјаснија дека немаат забелешки во однос на организирањето на досегашниот дел од првенството, со исклучок на неколку судиски одлуки. Претставниците на клубовите, главно позитивно го оценија  делегирањето и работата на делегираните судии. Од страна на Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија беше нагласено дека обврска на Федерацијата е да им овозможи на клубовите еднакви услови на клубовите за натпреварување, а во таа насока судењето е многу значаен сегмент. Ѓорѓиоски потенцираше дека ниту еден судија нема интенција да суди на штета или во корист на било кој клуб.

Сите присутни се заложија да се почитуваат правилата за лиценцирање, да се направат напори да се подобри инфраструктурата и во тој правец ја подржаа иницијативата на ФФМ. Клубовите од Првата лига се обврзаа да го почитуваат новиот правилник за лиценцирање кои ќе биде донесен идната година. Клубовите треба да достават извештај во писмена форма дека се согласуваат со иницијативата на ФФМ, а тоа значи дека од 1 март 2014 година секој стадион на кој се игра прволигашки фудбал нема да добие дозвола од комисијата за лиценцирање доколку не ги исполнува условите предвидени од лиценцната комисија. Клубовите се обврзаа да ги почитуваат критериумите за стадиони и тоа во писмена форма треба да го достават до службите во ФФМ.

Претставниците на клубовите се согласија и ја прифатија иницијативата на министерството за труд и социјална политика и Фудбалската федерација на Македонија, клубовите од Првата лига да им овозможат бесплатен тренинг на децата кои доаѓаат од социјално ранливи семејства. Предлогот го образложи Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.