Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во октомври 2013 година, во однос на претходниот месец, изнесува 99.7, а индексот на трошоците на животот 99.9.
Намалувањето на индексот на трошоците на животот од 0.1% во октомври 2013 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на пониските индекси на овошјето за 6.3%, мастите за 4.6%, алкохолните пијалаци за 0.8% и другите прехранбени производи за 0.2%.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај нафтените деривати за 3.4%, течните горива и гасот за домаќинствата за 1.1%, садовите и приборот за домаќинствата и средствата за хигиена за 0.2%.
Пораст на индексот на трошоците на животот во октомври 2013 година, во споредба со претходниот месец е забележан кај зеленчукот за 1.6%, месото за 0.7%, преработките од зеленчук и преработките од млеко за 0.4%, сушеното овошје за 0.3% и производите од жито за 0.2%.
Исто така, пораст на индексот на трошоците на животот е забележан и кај здравствените услуги за 1.1%, облеката за 0.9%, авионскиот превоз на патници за 0.8%, сообраќајните средства за 0.4%, материјалите за одржување на стан и лековите за 0.2%.
Индексот на цените на мало во октомври 2013 година, во споредба со октомври 2012 година, бележи пораст од 0.7%, а индексот на трошоците на животот бележи пораст од 1.3%.