Ѓорѓиев: Обезбедени 4 финансиски инструменти за изградба на приватни градинки

Пред еден месец Владата на Република Македонија промовираше нов концепт чија што цел е да се мотивира приватниот бизнис сектор да ги истражи можностите за реализација на деловен потфат во областа на социјалната сфера, односно да гради приватни градинки и да стопанисува со нив, како и да го реализира тој деловен потфат, односно да дојде до зголемување на бројот на приватни градинки во државата, што секако за приватниот бизнис сектор има и економска логика, бидејќи анализите покажуваат дека се работи за профитабилен бизнис.

Во таа насока, пред еден месец Владата ги унапреди условите во оваа сфера, и овозможи почетната цена за купување на градежно земјиште, на кое согласно деталните урбанистички планови е предвидено да се градат објекти со намена градинки, да изнесува 1 евро за 1 метар квадратен. Исто така, комуналиите за изградба на објекти-градинки беа намалени за 95%.

Со промовирањето на четири финансиски инструменти, преку кои потенцијалните интересенти и инвеститори од приватниот бизнис сектор можат да користат поволни и евтини средства за реализација на нивниот деловен потфат во областа на дејноста градинка, го заокружуваме тој концепт и обезбедуваме дополнително унапредување на условите и можностите во оваа сфера.

Имено, Владата преку вкупно 4 кредитни линии, под поволни услови, со прифатлив и разумен рок на отплата и вклучен грејс период обезбедува средства за купување, изградба или адаптација на објект во кој ќе се воспостави приватна градинка, но и обезбедува средства кои може да се користат во определен процент и како обртни односно да служат за покривање на трошоците за плати, планови, развојни програми во функција на воспоставување и стопанисување со приватните градинки. Секоја од кредитните линии има свои специфики, и силни страни, што помага бизнисмените да ги димензионираат и користат според своите потреби и проценки. Се работи за поттикнување на отворање на приватни градинки и стопанисување со нив, кои во европските држави се масовно искористени и претставуваат и еден од моделите за развој на малиот и среден бизнис.

За таа намена Владата на минатата седница усвои информација за расположливи 4 финансиски инструменти-кредитни линии кои може да се користат за оваа намена. Инструментите се димензионирани во соработка со МБПР.

1. ЕИБ- кредитна линија- МСП инвестиционен кредит

Централна информација е дека Владата, во соработка со МБПР и Европската инвестициска банка, обезбеди преостанатите средства од евтината и поволна трета кредитна транша од 100 милиони евра, да може да се користат како средства за основање, изградба и стопанисување со приватните градинки. Исто така, и од четвртата транша на оваа кредитна линија која е веќе договорена ќе може да се користат средства за оваа намена. МБПР има определен квантум на средства кои приоритетно ќе се алоцираат за ваков вид на поддршка. Минималниот износ на средства кои крајниот корисник може да го искористи е 10 000 евра, а максималниот износ е 3 500 000 евра, со рок на отплата до 8 години и вклучен грејс период до 24 месеци.

Овие средства може да се искористат за обезбедување на материјални средства, во смисла на недвижности-купување, изградба и адаптација на приватната градинка, опрема потребна за функционирање, и обртни средства не повеќе од 30% од вредноста на кредитот, како и инвестиции во нематеријални средства развој, планирање и финансирање во фаза на конструкција, како и трошоци на плати и останато. Каматната стапка е 5.5% годишно, која е фиксна во целиот период, и која државата ја субвенционира. Оваа кредитна линија е најповолната која постои воопшто во бизнисот во овој период, обезбедува стабилност и предвидливост.

2. Инвестициска кредитна линија РФ (Револвинг фонд од Италијанската стокова кредитна линија)

 Износот на кредитот за крајниот корисник се движи од минималниот износ 50 000 евра, а максималниот износ 400 000 евра. Рокот за отплата е 6 години, вклучителен грејс период до 12 месеци, со крајна каматна стапка од 6% годишно. Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на приватни градинки и за обртни средства.

Предноста на овој инструмент е тоа што може да се повлече за релативно кратко време, средствата се оперативни и веќе се на сметки на МБПР.

3. Посебен Кредитен Фонд кредитна линија со гарантна шема

Износот на кредит за крајниот корисник се движи од 10 000 евра-минимален износ до 300 000 евра максималниот износ. Рокот на отплата е до 8 години, со грејс период 12 месеци, а ако крајниот рок е до 3 години тогаш максималниот вклучен грејс период е до 6 месеци.

Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на приватни градинки и за обртни средства до 30% од вредноста на кредитот.

Крајната каматна стапка е максимум 6,75%.

Предноста на овој инструмент е тоа што во случај на неможност за поврат на кредитните средства од страна на корисникот државата отплаќа значаен дел од кредитот, што овозможува комерцијалните банки полесно да одобруваат кредити.

4. МСП-МБПР кредитна линија

Минималниот износ на кредит е 15 000 евра, а максималниот 500 000 евра.

Рокот на отплата е до 8 години, со вклучен грејс период до 12 месеци и максимална крајна каматна стапка 6,5%.

Намената за користење на овие средства е набавка или изградба на постојани средства вклучително и купување, изградба и адаптација на приватни градинки и за обртни средства до 50% од вредноста на кредитот.

Предноста на инструментот е што директно се аплицира кај МБПР и по правило полесно се добиваат средствата, и оваа за разлика од претходните три кои се девизни, е денарска кредитна линија, како и можноста за користење на средствата од кредитот за обртни средства во висина од 50%.

Овие четири инструменти се добра можност за развој на бизнисите. Ги повикуваме сите заинтересирани да аплицираат за една од 4 расположливи кредитни линии кои се нудат под поволни услови и да ја искористат шансата за купување, изградба и адаптација на приватни градинки. Во идниот период ќе се популаризираат овие инструменти и ќе бидат претставувани пред интересентите. Исто така, Министерството за труд и социјална политика и Македонската банка за поддршка на развојот во секој момент стојат на располагање на интересентите за обезбедување на секакви информации, појаснувања во поглед на реализацијата на овој концепт за основање, воспоставување и стопанисување со приватните градинки, како и за обезбедување на средства за таа намена.