Најважно од се е системот на контрола да функционира. Моделот без разлика каков ќе биде, а ние веќе одбравме модел што ќе го применуваме, не гарантира успешност ако се нема целосна посветеност и добра волја да се применуваат професионалните стандарди.
Ова е заклучокот на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска по денешното завршување на Четвртата регионална конференција на секторите за внатрешна контрола на полициите во регионот.
Според статистиката и конкретната ситуација, нагласи таа, кај нас е евидентно зајакнувањето на капацитетот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, што значи, подвлече, дека моделот што сме го одбрале, а е комбинација од внатрешна и надворешна контрола покажува резултати.
„Но, во периодот што следува отворени сме за сугестии и препораки за подобро функционирање и зајакнување на системот на интегриртет и борба против криминалот и корупцијата и во сопствените редови“, изјави Јанкулоска.
Таа информира дека во изминатиот период се направени суштински промени во начинот на функционирање на овој сектор и во методологијата за работа, која значи јакнење на капацитетот, но и примена на најдобрите европски практики за спроведување на контрола на работење на полициските службеници. Воведени се и нови надлежности од аспект на превенција и подигнување на интегритетот на вработените во МВР, а во соработка со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДЦАФ) отпочнат е проект за „имплементација на Прирачникот за полициски интегритети“.
Во 9 месеци од годинава, СВКПС има извршено проверки во 1.181 случаи, од кои 849 се предмети по претставки од граѓански и правни лица за неправилности извршени од вработени во МВР, а останатите се по добиени известувања, сознанија и друго. Секторот против 123 службени лица има изречено задолжителна мерка за поведување постапка за утврдување одговорност за гршење на работниот ред и дисциплина, од кои за тројца припданици на МВР е изречена мерка отстранување од работното место до завршување на постапката. За 204 лица е изречена мерка укажвуање, додека за 38 мерка покренување постапка за надоемст на штета. СВКПС има поднесено и 9 кривични пријави против осуммина вработени во МВР и две непознати лица за сторени 10 кривични дела по разни основи „злоупотреба на службената положба и овластување3, „примање потпкуп“, „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“, „насилство“, „кражба“…
Инаку, во Република Македонија надворешната контрола на работата на полицијата се остварува преку соодветните собраниски комисии кои имаат широки надлежности, Народниот правобранител и Јавниот обвинител во случаи каде што постои сомневања за потешки повреди.