Селото Елшани е едно од најубавите крајезерски села и село кое може да се пофали со ретки убавини кои се цел на многу странски туристи и на многу тур-оператори кои ова прекрасно село меѓу Езерото и Галичица го имаат веќе врежано во светските туристички мапи, особено во последниве години. Но, Елшани е село кое мака мачи со повеќе свои крупни и недокрај решени проблеми кои се од витално значење за елшанци. Станува збор за застарената водоводна и безбедносно загрозен резервоар од селскиот водовод за кои е потребна итна санација и реконструкција. Проблем со речиси исто значење е несредената канализациона мрежа и невклученоста во колекторскиот систем, како и катастрофалната состојба со патната мрежа и патот Елешец-Елшани. Ваквите состојби и потребата да се решат што поитно, биле и се отсекогаш приоритетни прашања за елшанци, но досега не е ништо сторено, особено во поддршката од локалната и од централната власт. Неодамна, во Елшани, по речиси десетгодишно раководење со Месната заедница, конечно се направи промена, а пред тимот кој го сочинува новиот Совет на Месната заедница на Елшани, за претседател е избран Игор Шопоски, електро-инженер по струка, човек кој има свои силни мотиви да се посвети на Елшани и на нејзиното подобро живеење. Го посетивме во неговата канцеларија во Месната заедница Елшани и направивме еден мал разговор за неговото видување на Елшани, за приоритетите и за начинот на кој ќе се решат проблемите.
WebOhrid: Што Ве мотивира, што Ве натера да се кандидирате за член на Советот на МЗ и особено за нејзин Претседател?
Шопоски: Јас сум млад човек и жител на Елшани.Мојата иднина ја планирам во Елшани и оттука моето залагање за подобар живот го гледам и во мојата заложба да придонесам колку што повеќе можам за Елшани да биде поубаво , подобро и попријатно место на живеење. Сметам дека моите врски со локалната самоуправа како исо луѓе од институциите кои ја претставуваат централната власт ќе бидат само мотив повеќе и огромна поткрепа во реализација на мојата програма за подобро Елшани.
WebOhrid: Кои се Вашите предности со кои мислите дека ќе сте подобар од претходниот елшански „градоначалник“?
Шопоски: Предностите или мааните ќе ги покаже времето, но сметам дека со мојата упорност и амбициозност, а и со мојата желба не самостојно, ами во соработка со сите од Советот , значи со една тимска работа ќе успееме да ги реализираме планираните активности. Секако со упорност и аргументираност и со проектно доставено барање до локалната самоуправа. Мислам дека еден човек , колку и да се смета за паметен, не може и нема да успее сам, а уште помалку за доброто на сите.
WebOhrid: Kаква е состојбата со Елшани, со инфаструктурните проблеми?
Шопоски: Елшани, како што може да се види и со голо око, е во катастрофална состојба. Многу од работите кои се направиле пред 40 години, не се поправиле и веќе значат опасност со која живееме. Тоа е , пред се , речиси риунираниот резервоар на селскиот водовод; тоа е неспроведената канализациона мрежа , поради која трпи и Елшанска река, а не помал проблем е и раскопаниот и стеснет пат Елешец – Елшани кој не е поправен ни малку од далечната 1978 година. Тука се и ќе бидат нашите основни и постојани заложби за што поскоро да се средат овие горливи прашања.
WebOhrid: Кои други проблеми или приоритети ќе бидат во агендата на новиот елшански „градоначалник“ и како мислите да ги реализирате во текот на Вашиот прв мандат?!
Шопоски: Ова што го споменавме како приоритет , веќе е доставено до локалната самоуправа Охрид, каде и делумно е и во програмата за 2014 година. Дел од тоа е и во фаза на одобрување. Но, секако , има и редовни приоритетни активности кои се во рамките на работата на Советот на месната заедница. Тука да ги споменам тековното одржување на водоводната мрежа и на водоснабдувањето; тековното и по потреба комуналното одржување на патниот правец Елшани – Елешец, како и други активности. Но меѓу приоритетите со поголем капацитет се и реконструкција на училишната зграда и спортско училишниот двор, доасфалтирање на некои селски улици, поставување на улично осветлување таму каде што недостига, поставување /изградба на три автобуски постојки/настрешници во селото и во населбата Елшани и дрги планирани проекти меѓу кои :поставување на три јарболи кај изворите, како и поставување на еден 20-метарски висок столб и јарбол на влезот од селото, кај месноста Тиквакраста. Од поголемо значење и приоритет е и уредувањето на речното корито на Елшанска река која ќе опфати повеќекратно уредување во кое ќе ги опфатиме и санациите на селските казани и селските некогашни воденици, а со очекуваната поддршка од државата и општината конечно и Елшани да го приклучиме на колекторскиот систем.
WebOhrid: Колку соработката и блиските врски со Локалната власт ќе бидат придобивка за сите елшанци?
Шопоски: Токму сите овие приоритети за кои претходно зборувавме,ќе бидат реализирани само во соработка со општинската власт и особено во директна консултација и соработка со новиот градоначалник, д-р Никола Бакрачески, кој веруваме ќе има разбирање и ќе ја даде својата поддршка за реализација на нашите потребни проекти. Секако, за реализација на барањата очекуваме поддршка од сите членови на Советот на општината.
WebOhrid: Ви забележуваат некои дека Вие сте жител на населбата Елешец и дека оттаму тоа е потешко да се работи и да се раководи со МЗ Елшани. Дали е тоа проблем?
Шопоски: Да, сум ги слушнал тие забелешки. И уште сум слушнал некои гласини дека од тие причини ќе сум ја потпишел водата и одржувањето на водоводот на некои други опшптински јавни претпријатија и така слично. Секако, дека може да се зборува и тоа не е забрането, но во оваа прилика , бидејќи ме предизвикавте би го кажал следново: не само што новиот претседател Игор Шопоски нема да ја однесе никаде и никому водата и водоводот, туку напротив, додека сум јас претседател, нема да дозволам никому ни да помисли да преговара со мене и ли со Советот на Месна заедница Елшани за некакво оттуѓување на елшанската вода и водоводот.
WebOhrid: Патем, и едно прашање за структурата на новиот совет на Месната заедница Елшани. Имено, еден од членовите на советот е и досегашниот претседател. Каква е соработката со него? Колку неговото искуство ќе Ви биде од корист?
Шопоски: Соработката со сите членови започна добро, засега е добра и очекувам да продолжи така. И со досегашниот претседател кој сега е само член во Советот исто така е добра. Сакам да ги искористам неговите позитивни искуства и заедно, како што реков, тимски да продолжиме за доброто на сите елшанци.
WebOhrid: Која е Твојата порака до сите жители на Елшани за тоа како да се стигне до заедничко подобра иднина?
Шопоски: Соработувајте со нас, со новиот совет на МЗ Елшани и очекувајте наскоро да го видите подобро Елшани: Елшани со новоасфалтиран пат, со нов водовод и со уредено речно корито на Елшанска река и конечно, Елшани – позабележителна туристичка дестинација, во интерес на сите елшанци и на пријателите на Елшани.
WebOhrid