Младински Совет Охрид го подготви новиот Локален Акционен Младински План за периодот 2014 – 2018 година. Во подготовката на документот, во сите негови фази, беа вклучени 38 претставници од исто толку институции од областа на образованието, здравството, културата, вклучувајки ги и СВР Охрид, Агенцијата за вработување, Центарот за социјални работи, здруженија, политички подмладоци, Локалната самоуправа и медиуми. Новиот ЛАМП содржи 109 активности, произлезени од 26 целни интервенции, а распоредени во 8те приоритети согласно меѓународните стандарди, како и според нивното дефинирање во националната стратегија за млади на РМ.
На подготовката на документот му предходеше повторено истражување од каде се согладаа потребите и проблемите на младите во општината. И повтореното, како и првото истраживање покажаа дека најголем проблем за младите во Охрид е вработувањето, по што следуваат квалитетот на живеење и здравство и превенција, а додека намал проблем младите гледаат во областите младинска работа и образование, при што од одговорите дадени во прашалниците, приоритетите младинска работа и младинско учество не им се блиски и доволно познати. Поголемиот број од испитаниците, очекувано, би го напуштиле местото на живење, голема е бројката на оние кои во општината не гледаат можности за квалитетно исполнување на слободното време од една страна, но исто така и не биле вклучени во планирање и реализирање на настани ,нити пак покажуваат интерес за личен ангажман. Испитаниците сметаат дека е важно да ги развиваат сопствените способности и знаења, да бидат упорни, да имаат поголема самодоверба и јасна цел во животот, да внимаваат на честа и достоинството . Во однос на промените кои сакаат да се случат во градот, а со цел да се задоволат нивните потреби, сметаат дека им се потребни повеќе пари, а до нив да дојдат со постојано вработување, сузбивање на социо патолошките појави и повеќе организирани случувања кои ќе им помогнат да го пополнат слободното време. За младите да можат активно да се вклушат во локалната заедница алтернативите кои тие ги наведуваат се следниве: овозможување на разни можности за нивно активирање и мотивирање, обезбедување на работа, системско информирање. Со тоа би превзеле и поголема одговорност при решавање на проблемите на заедницата, со што би се развивала свеста за сопствена одговорност,а би придонело за развој на локалната заедница.
Младински Совет Охрид, како подготвувач и реализатор на голем број на активности од Локалниот Младински Акционен план за 2009 – 2013 година, спроведе и мониторинг на целокупното спроведување на документот од страна на различни чинители. Извештајот ќе биде наскоро објавен, а заедно со новиот стратешки документ ќе биде предложен на Советот на општина Охрид, да стане и официјален документ за креирање на локалната младинска политика на општината.