Ставрески: ММФ потврди – економскиот раст повисок од очекуваното

Македонската економија закрепнува, растот е засилен и подобар од сите наши очекувања, оцени ММФ по редовната десетдневна мисија во Македонија.

„Ги подобривме прогнозите за развој во 2013 година на околу 2,5 отсто. Клучните двигатели на раст се јавните инвестиции, подобрите резултати на нето-извозот со важните или растечки придонеси на извозот од страна на странските мултинационални компании“, истакна шефот на мисијата Ивана Влаткова Холар, додавајќи дека капацитетот за подмирување на заостанатите обврски врз основа на надворешниот долг останува соодветен. 

Политиките да почнат да се поместуваат во смисла на завршување на циклусот на олабавување на монетарната политика и на спроведување на планираното намалување на фискалниот дефицит почнувајќи со буџетот за 2014 година, се препораките од ММФ.

Важно ќе биде и да се заштити реализацијата на приоритетните капитални расходи и Владата да има цврста контрола врз долгот на јавните претпријатија, како и да го следи нивното работење.

Сугестијата на ММФ воедно е да се зајакнат врските меѓу странските директни инвестиции и домашниот производствен сектор.

„Појавата на ланец конкурентна и квалификувана понуда ќе го намали увозот и ќе го подобри структурниот трговски биланс“, потецира Холар.

Мисијата го поздравува објавувањето на среднорочната фискална стратегија и сугерира темпото на фискална консолидација да се усогласи со брзината на заздравување на економијата.

„Предложените патокази на власта се соодветни од оваа перспектива. Ако побарувачката покаже знаци на опоравување повеќе од очекуваното, властите треба да се заземат за побрза консолидација“, истакна Холар.

И вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека македонската економија годинава заздравува подобро од очекуваното.

„Резултатите во првите девет месеци се над проектираните што ни дава надеж дека до крајот на 2013 ќе може да оствариме подобри резултати“, напомена Ставрески.

БДП во 2013, рече, ќе биде меѓу 2,5 и 3 проценти со можност за подобро остварување ако се реализира сценариото за дополнително заздравување на европската економија.

„Растот не е случаен, туку е генериран од владините политики и е директен резултат на извршувањето на јавните и капиталните инвестиции, како и на привлекувањето странски вложувања кои имаат добри перформанси во делот на извозот“, нагласи Ставрески.

Според него, политиката на постојано зголемување на јавни инвестиции се покажа како добра за повеќе сектори, пред се градежништвото, но и индустријата и овоможи Македонија во тој дел да оствари позитивни резултати.

„Очекувањата се дека економскиот раст во следните години може да биде подобар ако европската економија заздрави и ако оствари позитивни резултати. Но, фактот дека и во услови на стагнација на европската економија ние остваруваме раст блиску до три отсто, покажува дека економските политики се добро поставени“, подвлече вицепремиерот.

Македонија, додаде, има подобра позиција од другите земји и по однос на одржливоста на долгот и можноста за сервисирање на обврските.

„Нивото на државниот долг е 34 проценти од БДП што е четврто најниско во Европа. Така ќе остане и во иднина со реализација на планираните инвестициски проекти. Имајќи ги предвид обврските на јавните претпријатија, Македонија и натаму нема да ја премине границата на задолжување што е безбедна и ќе остане во зоната на умерено задолжени земји“, рече Ставрески.

Со стабилизрањето на фискалниот дефицит, постепено ќе почне и намалувањето на долгот.

„Постои целосна согласнот меѓу владините политики и Советот на ММФ во делот на нивото на буџетскиот дефицит. Фискалната консолидација ќе се случи со динамика што ќе одговара на степенот на заздравување на економијата. Бидејќи Македонија е помалку задолжена, нема потреба од пререстриктивни мерки, но има потреба од постепено намалување на буџетскиот дефицит на среден рок, почнувајќи од идната година што е содржано во нашата фискална стратегија, а ММФ смета дека е коректно поставена“, нагласи министерот.

И видувањето на НБРМ е дека македонската економија закрепнува подобро од очекуваното. Тоа, како што рече гувернерот Димитар Богов, се очекува и идната година со засилено темпо. Од аспект на инфлацијата, не се очекуваат позначајни притисоци.

„Растот прво беше воден од јавните и странските директни инвестиции, а во иднина се повеќе ќе се проширува на повеќе сектори и со време, товарот на растот ќе го понесе домашниот приватен сектор“, оцени Богов.

Според НБРМ, инфлацијата ќе продолжи со надолен тренд и ќе гравитира околу два отсто во следните две години, во надворешниот сектор дефицитот нема да надмине три проценти, политиката за одржување стабилен курс на денарот не е доведена воопшто во прашање. Монетарната политика е соодветно креирана, да одговори на секој предизвик и да ја задржи стабилноста на девизниот курс.

Како што рече шефицата на Мисијата на ММФ Холар одговорајќи на новинарско прашање, предизвик за македонската економија има како и за сите останати, но тие може да се неутрализираат со прилагодување на владините политики, зголемената побарувачка и различните стимули на мултинационалните компании.