Признанија за 42 филантропи од Охрид и Струга

Признанија за филантропија ќе добијат 42 филантропи, кои во текот на изминатите неколку години организирале или поддржале хуман настан, добротворна активност или донирале средства за доброто на заедницата во Охрид и Струга. Признанијата ќе им бидат доделни во рамки на свечениот завршен настан од Проектот „Филантропија-Човекољубие на дело“ која ќе се одржи на 12-ти  ноември во Охрид. Освен врачувањето на признанијата во рамки на свеченоста, ќе биде промовиран и „Каталогот на Филантропи“ кој беше изготвен врз основа на неколкумесечното истражување.

Од Здружението на граѓани „Локална Агенција за Развој“ од Струга, која е имплементатор на овој проект велат дека директното истражување на терен, имало за цел да ги согледа досегашните практики на донирање во двете општини.

„Добивме една детална слика, за што, колку и на кој начин се донирало во претходниот период на ова подрaчје. Успеaвме да лоцираме над 40 донаторски или хумани активности, кои биле реализирани или помогнати од поeдинци, од бизнис секторот или сервис клубовитe .  Врз основа на овие податоци изработивме каталог со успешни донации кој ќе придонесе за понатамошна промоција на филантропијата. Исто така ова издание ќе има за цел да ги уважи и постојаните филантропи односно општествено одговорните фирми“, – вели Јасминка Поповска, директор на Локалната агенција за развој од Струга.

Покрај лоцирањето на филантропите, истражувањето имало за цел да утврди и локални потреби, кои во иднина може да се реализираат како проекти.

„Паралелно со каталогот изработена е листа со десетина локални потреби  од Охрид и Струга кои не се од голема материјална вредност, а имаат значење за заедницата или одредена целна група. Оваа листа ќе им биде понудена на локалните филантропи и на бизнис заедницата во рамки на завршниот настан со цел да го побудиме интересот кај нив и заеднички да ги реализираме“, вели Катерина Василевска, координатор на проектот.

Покровител на свечениот филантропски настан е Клубот „Сороптимист“ од Струга. Инаку проектот „Филантропија човекољубие на дело“ е дел од програмата на „CIVICA Mobilitas“, имплементирана  од Центарот за институционален развој „ЦИРа“ и финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка „SDC“.