Македонската репрезентација до 21 година ја забележа првата победа во квалификациите за Европското првенство 2015 година. На Националната арена „Филип Втори“, Македонија славеше со 1-0. Дарко Велковски постигна евро гол во 69 минута за многу значајни три бода за нашата селекција. Триумфот на Македонија можеше да биде многу поубедлив доколку реализиравме уште некоја од создадените шанси, посебно во првото полувреме. Трајковски, Алијоски и браќата Бабунски не погодија во првиот дел, полувреме во кое нашата репрезентација предводена од Давид Бабунски целосно доминираше. Во второто полувреме, нашите напаѓачи не погодија за 2-0 во трите шанси создадени од 50-та до 55-та минута. Бабунски, Мицевски и Трајковски немаа среќа да се радуваат на погодок. Азербејџан се закани во финишот од натпреварот преку Ахмедов, но не успеаја да го совладаат Столе Димитриевски. Потврда за доминацијата на Македонија се упатените 17-ет удари кон голот на противникот.
„Победата е многу значајна за нашата репрезентација. Одигравме одличен натпревар против состав кои во досегашниот тек од квалификациите го покажа својот квалитет. Нашата игра едноставно не им даде прилика на гостите да го наметнат стилот на игра со кои запишаа гостинска победа против Норвешка. Азербејџан одигра многу послабо во однос на претходните два натпревари од квалификациите за Европското првенство, но на наш терен работите зависат од нас, им дозволивме толку колку што прикажаа и го остваривме зацртаното. Нашите млади фудбалери беа и под притисок за освојување три бода, тоа беше дополнителен товар за сите, но на крајот успеавме и мора да им честитаме на сите кои беа дел од триумфот. Во вторник не очекува дуел со Норвешка, пресметка која исто така е многу важна за нас и се надевам дека повторно ќе одиграме на високо ниво. Ќе биде тежок дуел, но играме на домашен терен и тоа е нашата предност. Се надевам на многу позитивни работи и од тој натпревар“, изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Бобан Бабунски.
Во натпреварот против Азербејџан, Македонија започна во состав: Димитриевски, Рисовски, Алијоски, Драгарски, Најдоски, Блажевски, Мицевски, Давид Бабунски, Дорјан Бабунски, Николов и Трајковски. Игра уште Велкоски, Наумчевски, Ашковски.
Во квалификациите за ЕП 2015 во Чешка, Македонија е во група со Португалија, Израел, Норвешка и Азербејџан. Табела: Португалија од 3 натпревари има 9 бода, Израел(3) 6 бода, Македонија (3) 4 бода, Азербејџан (5) 4 бода, Норвешка (4) 3 бода.