Металург ја загуби средбата од петтото коло во Лигата на шампионите против екипата на Вардар и се стави во многу непријатна ситуација, бидејки потребните бодови ќе мора да ги бара на гостувањата кај екипите на Вардар или на Динамо Минск.
По синоќешниот дуел, Ракометниот клуб Металург реши да им се извини на своите навивачи:
„Почитувани наши навивачи, пријатели на клубот, љубители на ракометот и на спортот.
Поаѓајќи од фактот што на синоќешниот натпревар помеѓу Металург и Вардар бевме домаќини, чувствуваме одговорност и обврска да ви се извиниме поради некоректното однесување на дел од гостинските навивачи.
Иако за овој натпревар организациски се подготвувавме подолг период, обезбедувањето и другите безбедносни органи во салата не успеаја да се справат со ситуацијата. И покрај тоа што ги имаше во огромен број, останаа неми набљудувачи кога таквите навивачи малтретираа граѓани што уредно си купиле влезница за натпреварот.
Поддржувачите на Металург се генерално семејни луѓе, луѓе што низ годините ги навикнавме дека на нашите натпревари нема простор за хулиганство. Искрено жалиме што нашите ценети навивачи, кои помеѓу другото ја покажуваат својата верност купувајќи и сезонски билети, на овој натпревар беа избркани од своите места.
Ракометниот клуб Металург ветува дека, како и секогаш, и овој пат ќе најде начин да им се оддолжи на своите верни навивачи и дека во иднина ќе дадеме сѐ од себе ова да не се повтори.
На гостинскиот тим му ја честитаме победата.
Со надеж дека ќе го прифатите нашето искрено извинување, ве очекуваме набрзо повторно да се видиме на натпреварите на Металург со нашиот препознатлив спортски навивачки дух.
Спортски поздрав,
Ракометен клуб Металург“