Неколку глобални компании од околината на Кливленд, кои веќе имаат интерес за инвестирање во Македонија и со кои владини претставници контактираат подолг период, денеска беа посетени од страна на економска делегација што ја предводи вицепремиерот Владимир Пешевски.
Средбата, како што информираат од владината прес-служба, беше искористена за детално запознавање со нивните планови за идните активности во Европа, како и за директни разговори со владиниот тим за инвестициските предности на Македонија.
Делегацијата предводена од вицепремиерот Пешевски имаше можност да ги посети производните погони на компаниите и да се запознае со спецификите на производните процеси.
Вицепремиерот Пешевски, заедно со министерот за странски инвестиции Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, генералниот конзул во Чикаго Јакуп Реџепи и економскиот промотор Дејан Величков, вчера во Кливленд на бизнис форум ја презентираа економската состојба на земјата, нејзиниот инвестициски потенцијал, како и поволностите што ги нудат технолошките индустриски развојни зони за инвеститорите.
Напорите што ги прави македонската Влада за продлабочување на бизнис релациите меѓу двете земји добија поддршка од градоначалникот на Кливленд, Френк Џексон, кој го отвори Форумот.
Форумот беше реализиран во соработка со неколку стопански комори, а на него присуствуваа претставници на локалната бизнис заедница, компании од регионот и институции заинтересирани за инвестициските можности во Македонија.
Ова е првиот форум на македонската делегација во низата предвидени во среднозападниот дел на Соединетите Американски Држави.
Од Кливленд делегацијата продолжува кон Индијанаполис каде ќе се одржи следниот бизнис форум.