Јанкулоска: Не смееме да дозволиме фаталните сообраќајки да бидат статистичко правило

“МВР, меѓу другото, најголемо внимание посветува на превентивната активност, притоа постојано застапувајќи го ставот дека тие активности во насока на превенирање мора да бидат системски во спрега на иснтитуциите и вонинституционалните организации. Практично сите фактори чие влијание и улога се исклучително важни во сферата на безбедноста на сообраќајот треба заеднички, синхронизирано, да се стремат кон посеопфатен настап“, истакна меѓ другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето обраќање на трибината што во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштат се одржа денес во Скопје а по повод 17 Ноември Светскиот ден за одбележување и сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.

На трибината тематски посветена на прашањето – “Како до помалку сообраќајни несреќи со фатални последици“, во своето излагање министерката Јанкулоска посочи дека Безбедноста во сообраќајот веќе од поодмна не е само прашање на почитување на законската регулатива или пак на стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфратруктура, туку без дилема – приоритетна тема од поширок јавен, односно општествен интерес.

“Причината е едноставна  и навистина сериозна- само во текот на деветте месеци од оваа година , значи заклучно до крајот на септември, ние имаме евидентирано 3.140 сообраќајки со настрадани лица, што споредбено со истиот период лани е зголемување за 2.3 проценти. Но што е уште поважно и пострашно е фактот дека во незгодите настрадале 4831 лице (лани таа бројка изнесувала 4569 лица) а во тие сообраќајки загинале 140 лица или за 40 проценти повеќе од 2012 година“, нагласи Јанкулоска.

Исто така Јанкулоска потенцирајќи дека животот не е статистичка категорија туку нешто бесценето, истакна дека безбедноста во сообраќајот треба и мора да се третира не само како стручна ами и како сериозна општествена проблематика.