Започна со реализација образовниот проект „Сите сме еднакви“

На  17 ноември во Охрид започна со реализација проектот „Сите сме еднакви“ чија цел е да развие едукативен, воннаставен модел кој ќе промовира меѓуетничка и меѓукултурна интеракција и кохезија меѓу децата од основните училишта во Македонија.

Во рамките на проектот ќе се одржуваат обуки за 320 наставници од дваесет и едно основно училиште во Република Македонија вклучени во реализација на проектот „Сите сме еднакви“. 

Преку „Сите сме еднкави“ ќе се надополнуваат активности во тековната учебна година, а воедно ќе се подобри понатамошниот формален наставен план со образовен воннаставен модел, кој се состои од интерактивни и интердисциплинарни теми, како што се владеење на правото, основни човекови права и почитување на различности. 

Проектот ќе биде пропратен со медиумска кампања преку емисијата за деца „Пет Плус“ која се емитува на националните телевизии Телма и Алсат М. Кампањата ќе вклучува продукција на анимирани цртани филмови, песни и емисии преку кои ликовите од емисијата „Пет Плус“  ќе ги поттикнат децата на создавање добри навики како и почитување на културните вредности.

Проектот „Сите сме еднакви“ го спроведува организацијата ОХО, а е поддржан од Министерството за Образование и Наука и Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија.