20 ноември Светски ден на детето

На 14 декември 1954 година, Генералното собрание на ОН препорачува дека сите земји треба да воведат годишен настан од 1956 година познат како Универзален Детски ден со цел да се поттикне братство и разбирање помеѓу децата во целиот свет и унапредување на благосостојбата на децата. На 20 ноември 1959 година, Генералното собрание на ОН ја усвои Декларацијата за правата на детето и на 20 ноември, 1989 година, ја усвои и Конвенцијата за правата на детето. Од 1990 година, како Универзален Ден на детето се одбележува денот кога Генералното собрание на ОН  ги усвои Конвенцијата за правата на децата и Декларацијата за правата на детето.

Целта на Обединетите нации со воведување на овој ден на детето е да го привлечат вниманието за значењето на благосотојбата на децата низ целиот свет. Во 2013, претставници на Обединетите нации ги повикале сите земјите членки, кои не ја ратификувале Конвенцијата за правата на детето и нејзините Факултативни протоколи, да го направат тоа, истакнувајќи дека тој чекор е од витално значење за заштита на децата од злоупотреба и насилство во целиот свет.

Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето во ноември 1993 година како и двата протоколи: Факултативниот протокол за Конвенцијата за правата на детето за трговија со деца, детска проституција и детска порнографија беше усвоен во Њујорк на 25 мај 2000 година, а ратификуван од страна на Република Македонија на 17 октомври 2003 годинаи  Факултативниот протокол за Конвенцијата за правата на детето за инволвираност на деца во вооружени конфликти беше усвоен во Њујорк на 25 мај 2000 година, а ратификуван од страна на Република Македонија на 12 јануари 2004 година, согласно со член 118 од Уставот на Република Македонија: “Меѓународните договори што се ратификувани согласно со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон”. На овој начин нашата држава  се обврза дека ќе постапува во согласност со истата и сите активности кои ќе ги превземе ќе бидата насока на најдобриот интерес на детето.

Работата на Првата детска амбасада во светот Меѓаши се заснова на принципите и начелата на Конвенцијата за правата на детето и факултативните протоколи. Како детска амбасада  Меѓаши постојано вршиме мониторинг на работата на државните институции во процесот на заштита на децата и имплементација за Конвенцијата за правата на детето. Во неколу наврати имаме констатирано неефикасност на државните институции, овие наши забелешки ќе бидат вклучени во нашиот извештај за состојбата со правата на децата и ќе го информираме и Комитетот за правата на детето. Исто така сметаме дека потребно е државата да се обезбеди подобра заштита на децата.  Неопходно е синхронизирано дејствување на сите релевантни институции, преземање на обврските и одговорностите предвидени со Уставот и Конвенцијата. За таа цел потребна е подобра соработка меѓу граѓанските организации и институциите на државата задолжени за спроведување на грижата и заштитата за сите деца во Македонија.

Би сакале да напоменеме дека Конвенцијата за правата на детето е еден вид рамка за минималните стандарди кои треба да ги почитува секоја држава. Дете е секое човечко суштество кое не наполнило 18 години возраст и тоа е носител на права и е рамноправен субјект со возрасните. Но, возрасните се оние кои се обврзани  во секој момент да им пружаат поддршка на децата за да можат во целост да ги практикуваат своите права.