Законски измени за подобар превоз на ученици и основен англиски за таксисти

Поквалитетен превоз за учениците и другите патници со новини во правилата за вршење посебен линиски превоз, воспоставување поголем ред во такси превозот, задолжително познавање основен англиски јазик за таксистите, категоризација на автобусите во меѓународниот превоз со еколошки стандарди за да не плаќаат високи патарини, се дел од предложените измени и дополнувања на Законот за превоз во патниот сообраќај.

„Со цел воспоставување поголем ред во такси-превозот, што е  едно од постoјаните барања на граѓаните и на Град Скопје, при вршење на авто-такси превоз превозникот да може да стои исклучиво на авто-такси стојалиште определено од општините или од Градот Скопје“, рече денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Доколку превозникот биде казнет двапати за непочитување на таа одредба ќе се донесе решение за трајно одземање на лиценцата за вршење такси-дејност. Ако се утврди дека не стои на такси-стојалиштето првиот пат глобата е 500 евра, а по повторување на прекршокот ќе следи уште една глоба од 500 евра и трајно одземање на лиценцата.

Според Јанакиески, објавените информации во дел од медиумите за новата одредба за таксистите не се точни. Такси-возилото, појасни, може да дојде на повик пред зградата или пред местото каде живее патникот или на кое друго било место каде се наоѓа патникот и да го земе, што значи дека патникот не треба да оди до најблиското такси-стојалиште. Исто така, може да се качи во такси-возило на кое било место каде е такси-возилото и да се симне на кое било место што го определил како крајна дестинација.

„Такси-возилото треба да стои на стојалиштето само во случај кога е празно, односно без да има патници и без да има најавен повик дека треба да земе патник од некаде“, наведе Јанакиески.

Трошоците за учењето основен англиски јазик на таксистите, според Јанакиески, ќе ги покријат Министерството за транспорт и врски и општините. До 1 јануари 2017 година за секој такси-превозник ќе биде задолжително познавање основен англиски јазик за што ќе добие лиценца, а од 2019 година познавање еден степен повеќе.

„Таксистите ќе имаат период од три години за прилагодување на оваа новина. Министерството за транспорт во соработка со единиците на локална самоуправа во наредниот период ќе спроведат голем број обуки со цел да се понуди поквалитетен такси-превоз, пред се во туристичките центри како Скопје, Охрид, Струга…“, наведе министерот за транспорт.

Измените на Законот опфаќаат и дорегулирање на посебниот линиски превоз со кој превозниците или конзорциумот од превозници со кој ќе се склучи договор ќе го вршат превозот исклучиво со возилата со категорија што ги навеле при склучување на договорот. Проблеми досега се јавувале при превозот на ученици, кога превозниците на јавниот повик навеле дека ќе ги превезуваат со автобуси со ЕУРО4 или ЕУРО5 стандарди, но користеле автобуси со ЕУРО1 стандард.

Јанакиески најави и категоризација на автобусите за еколошки стандарди. При технички преглед и регистрирање на автобусите техничките станици ќе даваат и потврда за еколошки стандарди на возилото.

„Досега при сообраќање на автобусите низ Европа кога се плаќаше патарина во определени земји, бидејќи нашите автобуси не се категоризирани, секогаш се земаше предвид најниската категорија и плаќаа највисоки патарини. Сега се овозможува согласно еколошките стандарди автобусите да се категоризираат и реално да се плаќаат патарините во европските земји“, рече министерот Јанакиески.

Категоризацијата, појасни, е барање на Здружението на превозници „Исток“, и со неа доколку автобусот е со категорија ЕУРО5 ќе се плаќа минимална патарина, а доколку е во пониските категории ќе се плаќа повисок износ.

Целта на измените на Законот е намалување на нелегалниот превоз и нелојалната конкуренција во овој сектор. Во последните 10 дена трајно се одземени 16 возила на превозници кои вршеле нелегален превоз, а од почетокот на годинава вкупно 98 возила. Со тоа, според ресорното Министерство, автоматски се зголемил бројот на продадени билети во автобуските станици, како и бројот на патници во железничкиот сообраќај.