Фондот за иновации и технолошки развој, што првпат го формира Владата на Република Македонија, е веќе конституиран, составен е Управниот одбор кој назначи и директор на Фондот. До крајот на годинава се очекува да биде донесен статутот и другите акти и Фондот да почне да работи од 1 јануари 2014 година.
Претседателот на Владата Никола Груевски смета дека со него ќе се помогнат иноваторите во земјава, од што директно зависи успехот на секоја држава зашто, како што рече, најкрупните компании се најмоќни и најнапредни зашто имаат иновации. Некои од нив, рече тој, токму потпирајќи се на новите идеи, иако почнале скромно, успеале да направат гиганти од компанија и светски брендови.
„Фондот ќе им помага на компаниите што имаат иновации кои може да се комерцијализираат. Фондот ќе биде финансиран од буџетот, но ќе има и надворешни средства. Имаме аранжман со Светската банка која изрази подготвеност да го поддржи работењето на фондот. Во првите три години ќе биде поддржан со осум милиони евра годишно, што во голем дел ќе оди како директна помош на компаниите кои ќе пријават иновации. Изборот на компаниите ќе го прави меѓународен борд, кој ќе ги прегледува, анализира сите поднесоци на сите кои сметаат дека имаат иновација и ќе оценува кој од нив заслужува и ќе добие поддршка од државата“, изјави премиерот Груевски.
Тој ги повика сите во Македонија што се чувствуваат креативни доколку имаат иновација да сметаат на поддршка од државниот фонд кој, нагласи премиерот, е формиран за помош на македонските граѓани и компании.
„Да ги поддржиме кога ќе имаат идеја за иновација, да ја материјализираат и да ја комерцијализираат, а потоа од неа да се отворат нови работни места во Македонија и да се вработат невработени луѓе, што е и крајна цел на нашите економски политики“, истакна премиерот Груевски.