Воспоставување прекуграничен заеднички мониторинг за заштита на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски присуствуваше на средба на политичките партнери на проектот за заштита и одржливо користење на биодиверзитетот на Охридското, Преспанското и Скадарското езеро, која во организација на германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), се одржа во Тирана.

Во своето обраќање, заменик министерот Темелковски ја истакна важноста и спремноста на Македонија за взаемно делување и соработка со другите земји за заштита на прекуграничните води и природни ресурси.

На средбата учествуваа заменик министерот за животна средина на Албанија, Диана Бејко како и колеги од министерството за одржлив развој и туризам на Црна Гора, претставници од министерствата за земјоделство, сектор рибарство, агенциите за заштита на животната средина како и секретаријатите за заштита на Охридското и Скадарското езеро.

Целта на средбата беше размена на информации помеѓу политичките партнери на проектот за постигнатите  резултати од теренската работа на регионалните работни групи за води и риби.

Исто така, особено важно беше да се информира за регионалните политики и планови за заеднички мониторинг, управување и заштита на водените басени на трите езера.

Во рамките на секторските политики раководителот на секторот води при МЖСПП, Илбер Мирта размени искуства со своите колеги од Албанија и Црна Гора за предизвикот да се имплементираат барањата на европската директива за води.

Од страна на раководителот на Канцеларијата за заштита на Охридското езеро, Дејан Пановски беше истакната взаемната поврзаност на  проектните активности со Координативното тело на Дримскиот Басен.