„Денеска потпишавме многу важен договор за Министерствата за внатрешни работи на Република Македонија и на Белгија оти истиот е правна основа за полициска соработка меѓу двете земји кои ги дефинираат клучните области во кои постои широко поле за продлабочување на соработката“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на денешната заедничка прес-конференција во Брисел, со белгискиот министер за внатрешни работи Жоел Милкет а по билатералната средба на која министрите Јанкулоска и Милкет го парафираа и Договорот за полициска соработка меѓу двата ресори за внатрешни работи.
Министерката Јанкулоска потенцираше дека со овој Договор се овозможува поинтензивна, директна, соработка меѓу полициите од двете земји во однос на прашањата од взаемен интерес, а кои претставуваат глобални проблеми и закани за светот денес. Исто така според Јанкулоска, договорот овозможува двете министерства да формираат заеднички истражни тимови што ќе работат на прашања поврзани со глобалните закани почнувајќи од борбата против сајбер-тероризмот, класичниот тероризам, недозволената трговија со дрога, со оружје и со луѓе, како и продлабочување на полициската соработка во областа на организираниот криминал.
Од своја страна пак министерката Милкет истакна дека: „од огромна важност е нашите полиции да ја засилат соработката во однос на борбата против организираниот криминал, насилството, тероризмот, како и по односн на заедничките прашања во двете држави“.
Со овој договор, според Милкет, сега може да се почне со преговори за подготовка на конкретен акциски план, со конкретни мерки и размена на добри практики меѓу двете служби. Истовремено белгискиот министер за внатрешни работи потенцираше по однос на проблематиката со лажните баратели на азил, како една од темите на разговор, дека „Македонија направила големи напори за реформи во овој дел и во моментов нема зголемување на луѓе што доаѓаат во Белгија и бараат азил“.
Инаку ова е прва ваков договор од овој вид меѓу двете земји, а на средбата покрај темите опфатени со договорот, министрите Јанкулоска и Милкет разговарале и за други иницијативи како што е реципрочното признавање на возачките дозволи и слично.