Претставени приоритетите за Македонското претседавање со ЦЕФТА

Стратегијата за Југоисточна Европа 2020 ќе придонесе кон натамошно интегрирање на регионот во европската и глобалната економија, со учество во меѓународниот ланец на набавки, поддршка за подобра меѓународна конкурентност на националните економии и продлабочување на регионалната трговија и нови инвестиции.

Ова го истакна министерот за економија Ваљон Сарачини на седмиот состанок на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА 2006 Договорот во Сараево, на кој ги претстави приоритетите на Република Македонија  како иден претседавач со ЦЕФТА.

„Одлучивме да ја прилагодиме Програмата за претседавање на начин што ќе ги опфати четирите димензии на столбот за „Интегриран раст“ во своите приоритети. Прилагодената Програма треба да придонесе во воспоставување на врската помеѓу приоритетите на ЦЕФТА и ЈИЕ 2020, како и да обезбеди нивна конзистентност, кохезија и примена, преку соодветна координација помеѓу сите релевантни чинители на ЈИЕ 2020, преку интерактивно јакнење на ЦЕФТА Програмата и Стратегијата“, објасни Сарачини на министерскиот состанок.

Како приоритети за Македонското претседателство со ЦЕФТА, Сарачини ги посочи, натамошната либерализација на трговијата со земјоделски производи и трговијата со услуги, елиминирање на нетарифни бариери и непотребните технички бариери во трговијата, олеснување на трговијата со вклучување на транспарентни алатки и поедноставување на трговските процедури.

Покрај тоа приоритети ќе бидат и  промовирање на регионалната соработка во политиката на конкуренција, правата на интелектуална сопственост и јавните набавки, подобрување на пристапот на пазар со финализирање на единствена зона на дијагонална кумулација во рамки на Регионалната Конвенција за пан-еуро медитеранската кумулација (ПЕМ). Ќе се покрене и иницијатива за основање на инвестициски концепт за зајакнето учество во регионалниот ланец на набавки и глобалната мрежа на набавки и одржување синергија помеѓу примената на ЦЕФТА и ЈИЕ 2020 – во делот на интегрирање во глобалната економија.

„Верувам дека со овие приоритети ќе воведеме нова реформа на ЦЕФТА Мешовитиот комитет, кој се грижи за непречено спроведување на одредбите од договорот“, истакна Сарачини.

Македонија во 2014 година ќе го преземе претседавањето со ЦЕФТА од актуелниот претседавач Босна и Херцеговина.

За време на претседателството на БиХ, ЦЕФТА структурите се вклучени и во подготовката на столбот на Интегриран раст од Стратегијата за Југоисточна Европа 2020, чија цел е е да ја промовира регионалната трговија и инвестициите, нивната врска и политиките на недискриминаторска основа, транспарентност, предвидувања кои ќе ги зајакнат протокот на стоки, инвестиции, услуги и луѓе во рамките на регионот.

Примената на Стратегијата на ЈИЕ 2020 се очекува да започне во 2014, во време кога Република Македонија ќе претседава со ЦЕФТА, по втор пат, по 2007 година.