Вевчанската река порибена со околу 1000 парчиња автохтона речна пастрмка

Вевчанската Река порибена со околу илјада парчиња автохтона речна пастрмка, а порибувањето, исто како и производството на подмладокот риба е под надзор на охридското одделение за рибарство и аквакултура.

Градоначалникот на општина Вевчани Цветомир Угриноски апелираше до жителите на Вевчани, а исто и до граѓаните на Октиси и Велешта да се зачуваат овие пастрмки, затоа што за рибокрадците казната е голема.

„Ова не е случено од пред четири години и е многу значаен денешниот ден, за развојот на Вевчани и на вевчанскиот туризам, затоа што сепак ова не е стопанска туку туристичка. Така да и домашните и гостите кои доаѓаат ќе уживаат во убавите речни приливи. Го користам овој момент да апелирам до граѓаните на Општина Вевчани, исто така и до граѓаните на Октиси и Велешта да ја негуваат и чуваат рибата, да нема рибокрадци претежно во летниот период кога водата е мала, затоа што ќе имаме чуварска служба, а казната знаеме дека ќе биде голема“. –  изјави Угриноски.

Како што информира Јован Бојчовски од охридското одделение за рибарство и аквакултура при Државниот инспекторат за сточарство, ова порибаување многу ќе го збогати рибниот фонд на вевчанската река.

„Самиот чин на порибување е под надзор на Државниот инспекторат за земјоделство. Ова порибување е само дел од годишниот план кој го има предвидено риболовното друштво. Во оваа прилика сакам да истакнам дека ова порибување многу ќе го збогати рибниот фонд на овој ревир и посебно порибувањето на Вевчанска Река е многу битно за развој на понудата која ја има општината за нејзина промоција“. – истакна Бојчовски.

Од струшкото Здружение на риболовци „Пастрмка“ најавуваат порибување и на реката Црн Дрим.

„Посебно голема чест ни претставува кога за нашата работа со порибувањето наидуваме на поддршка од институциите како денешниот пример кога наидовме на голема поддршка од институциите како Општина Вевчани, инспекторатот како институт за сточарство. Во наредниот период е планирано  порибување  и на реката Црн Дрим исто така со охридска пастрмка, каде што и таму мислам ќе наидиме на разбирање од институциите, на градоначалникот, затоа што ова е работа во интерес на сите граѓани, не само на риболовците, не само на одредени поединци“. – рече Емил Матоски, претседател на ЗСР „Пастрмка“ од Струга.