„На најголем дел од барањата кои ги упатуваат дел од глувите и наглуви лица, а имаат допирни точки со Министерството за труд и социјална политика веќе се работи или се реализирани. За оние кои се однесуваат за работата на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица би ги упатил своите права да ги бараат внатре во него на демократски начин“, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој одговарајќи на новинарско прашање зошто не се сретнал со претставници на глувите и наглуви кои протестирале за време на одбележувањето на 65-годишнината на Националниот сојуз истакнал дека тоа го направил уште по првиот протест кој пред извесен период го организирале овие лица и оти разговарале за сите прашања.
„Тие бараат промени во Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, кој е здружение на граѓани и јас би ги поттикнал правата да си ги бараат внатре на демократски начин. Во однос на другите забелешки што ги имаа, а со кои ние како Министерство имаме допирни точки, во голем дел се работело или веќе се работи на затворање на тие прашања. Пред се тука е огласот за вработување на 300 инвалиди, меѓу кои како категорија се и глувите и наглувите лица, преку кој значително ќе им се решат проблемите во однос на отворените животни прашања и во однос на нивното вработување“, рече Спасов.
Информира дека кодификацијата на знаковниот јазик, како едно од нивните барања, е во тек. Тоа, рече, е сложена постапка, која може да трае подолго време, не може да се заврши за месец-дена.
„Јас имав неколку средби со членовите на Комисијата што е формирана за кодификација на знаковниот јазик и барав да се динамизираат работите со цел целосно да се затвори кодификацијата на знаковниот јазик“, рече министерот за труд и социјална политика.
Во врска со обуките за толкувачи, што, како што истакна, се во надлежност на Националниот сојуз на глуви, појасни дека имал повеќе средби со претставници на Националниот сојуз за глуви и наглуви со цел да се зголеми бројот на обуките.
„Веќе е започната обука за дополнителни 17 или 20 толкувачи, а само што ќе заврши таа обука ќе се продолжи со друго. Што значи ќе се преземат мерки од страна на Националниот сојуз за зголемување на бројот на толкувачи, за кој и јас се согласувам дека е мал и треба да се зголеми“, истакна Спасов.
Потсети дека Владата донела одлука за воведување ново право за глувите и наглуви лица, паричен надомест за глувост во висина од четири илјади денари, со цел, како што рече, да им се помогне во надминување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат.
Информира дека се прави и ревизија на финансиското работење на Националниот сојуз за оваа, но и за минатите години ,дали правилно и законски се трошени средствата кои Министерството за труд и социјална политика ги издвојува на годишно ниво за функционирање на сите национални сојузи за инвалиди и лица со попреченост.