Четириесет опремени станови од државата за децата без родители

Четириесет деца без родители и родителска грижа до 18-тата година, од март 2014. ќе може да се вселат во целосно опремени станови обезбедени од државата.

Одлуката за доделување и опремување на становите ја донесе Владата на последната седница, информираа на прес-конференција министрите за транспорт и врски и за труди и социјална политика, Миле Јанакиески и Диме Спасов.

Становите, обезбедени преку Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, се наоѓаат во Скопје, Дебар, Охрид, Кратово, Штип, Струмица, Гевгелија, Радовиш, Велес, Богомила, Кавадарци, Прилеп и Битола.

Децата без родители и родителска грижа ќе добијат станови со целосно опремени дневна соба, трпезарија, кујна, спална соба, а дополнително ќе биде набавена и бела техника. Опремувањето, според министерот Јанакиески, ќе чини околу три милиони денари. Во меѓувреме ќе се распише јавен повик за потребните набавки за да може становите од март да бидат подготвени за вселување, најави Јанакиески.

Становите што се доделуваат се со површина од 35 до 47 метри квадратни, а главните критериуми за распределбата се покрај основниот услов да се доделат на деца без родители и родителска грижа што не биле институционално згрижени до 18-тата година, ќе се земат предвид бројот на годините од напуштањето на домот, како и евентуално стекнатиот имот во меѓувреме.

„Овој проект се реализира со цел излегување во пресрет на децата без родители и родителска грижа кои откако ќе излезат од детски дом едноставно немаат доволно средства за опремување на просторот за живеење и најчесто живеат во супстандардни услови. Со опремувањето на овие станови ќе се овозможат достоинствени услови за живот на овие лица“, рече министерот Јанакиески.

Според министерот Спасов, мал е бројот на децата од оваа категорија што веќе се излезени од детските домови, а на кои не им е решен проблемот со станбено сместување. На тие кои се уште не добиле стан од државата им се плаќа закуп. Покрај доделувањето станови и плаќање закуп, според Спасов, надлежните институции преземаат низа активности и мерки за грижа на децата без родители и родителска грижа преку исплаќање парична помош по различен основ, како и мерки за нивно вработување.

Во тек е изградба на три згради со социјални станови од страна на државата, а наскоро ќе почне изградба и на уште една. Со проектот за изградба на социјални станови што се реализира е предвидена изградба на 35 објекти во 26 градови во државата со вкупно 1.753 станови.