Министерот за здравство Никола Тодоров заедно со директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџоски денеска во дворот на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле засадија дрвца со што го најавија почетокот на акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“, која ќе се одржи на 27 ноември.
Министерот Тодоров изјави дека оваа година „Денот на дрвото-засади ја својата иднина“ има здравствено мото „Садење за подобро здравје“.
„Има и посебна симболика што сме тука во дворот на Институтот. Човекот задолжително треба да се грижи за белите дробови и за своето здравје. Дрвјата се белите дробови на нашата планета. Од тој аспект е одлична оваа акција и ќе можеме оваа година да посадиме пет милиони дрвца. Вкупно досега се посадени 40 милиони дрвца. Тоа претставува еден историски потфат и ќе овозможи многу почиста животна средина и многу повеќе здравје за сите граѓани“, рече Тодоров.
Сите, истакна министерот, го знаеме бенефитот од здравата животна средина и од засадувањето дрвца кои имаат и други свои заштитни карактеристики-заштита од ерозија, заштита на почвата, на подземните води што е многу значаен сегмент за заштита на животната средина, пред се за заштита на здравјето.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат во среда и да ја засадат својата иднина под здравственото мото оваа година.
„На тој начин се грижат и за сопственото здравјето, но и за здравјето на нивните деца, за нивните потомци“, додаде министерот Тодоров.
Караџоски истакна дека по основ на сите акции бројот на засадени дрвца е 56 милиони.
„Првпат оваа акција се изведува на поразличен начин. Значи пет милиони садници ќе бидат посадени на голини, површини кои биле оштетени од пожари, од кражби итн. Во акцијата се спуштаме и во хортикултурно уредување на самите градски површини во единиците на локалните самоуправи. Во градот Скопје ќе посадиме 72.000 нови декоративни садници во сите општини во градот Скопје на локации кои сами ги избраа и ги доставија до нас“, рече Караџоски.
Видовите садници, посочи тој, ќе бидат такви какви што ќе одговараат во радиусот од местото каде што ќе ги посадуваме, а тоа ќе го направиме заедно со претставници на единиците на локалната самоуправа, со граѓаните, со комуналните претпријатија итн.
Караџоски рече дека во останатите градови низ Македонија ќе бидат засадени над 100 илјади садници.
„На природните и вештачките езера, околу нив, во места на плажи некаде околу 400.000 садници и првпат оваа година засадивме и палми и тоа по сто во Охрид и во Дојран и 30 во Струга. Акцијата со палмите ќе продолжи и наредните години. Покрај автопатиштата ќе садиме леандри и се што ќе значи разубавување на државата. Имаме потврда дека оваа акција овие 50 милиони садници покажаа дека Македонија е заобиколена од она што значи трагадија или општ хаос што се случува со шумите во светот“, додаде Караџоски.
Кристина Николовска, шеф на кампањата на Ден на дрвото и член на Граѓанското здружени „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ рече дека очекуваат во среда да има голем празник на здравјето, најздрав ден во годината.
„Идејата е да се потттикнат граѓаните што помасовно да излезат на засадување со што ќе придонесеме за поздрава животна околина и ќе се запознаеме во промотивните активности со придобивките од засадувањето за луѓето, животните, и за целиот биосвет. Акцијата се одржува по 12.пат“, посочи Николовска.
Овој пат, укажа таа, имаме голема поддршка од Министерството за здравство и од сите ресорни партнери-Владата, ЈП „Македонски шуми“, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство итн.
„При ова промотивно засадување ќе промовираме тв спот, плакат, ќе има дисплеј на автобуските на јавното претпријатие. Промотивната кампања почнува уште денеска. Ќе биде промовиран парк на дипломатите во општина Илинден, а ќе се одвиваат и сите редовни активности во кампањата“, додаде Николовска.