Груевски: Децата без родители веќе не се оставени сами на себе

Целосно е смената сликата за грижата од државата кон децата без родители и родителска грижа, со мерките што ги презема Владата, оцени премиерот Никола Груевски.

Со последната одлука на Владата, укажа,  напролет ќе бидат доделени 40 целосно опремени станови  на  штитениците кои се излезени од домовите во повеќе градови низ државата.

„Идејата е да се помогне на оние деца  кои до својата 18 година поголем дел од својот живот го поминале во дома за деца без родителска грижа. Обрнувамне големо внимание на оваа  категорија наши граѓани, со кои  очигледно судбината се поиграла,  имале тежок живот без родители и живееле во  дом“,  рече Груевски.

Владата, потсети,  во минатото имаше повеќе вакви акции, а  во една подели 102 стана во општина Ѓорче Петров. По тој терк и сега ќе го направиме  истото, нагласи премиерот, посочувајќи дека веќе има и вработување на децата без родители.

„Донесен е закон со кој секоја година ќе има задолжителна квота вработувања. Оваа година се вработени 83 лица, а минатата година исто така беа вработени голем број. Сега се останати  помал број наши граѓани кои во минатото биле штитеници на детските домови кои веројатно следната година  ќе ги комплетираме и практично потоа ќе тргнеме тековно, година за година како што ќе излегуваат од домот така  да бидат вработувани во државните институции“, истакна Груевски.  

За децата без родители и родителска грижа, додаде, дадовме и други  поволности, како што е исплаќање еднократна отпремнина во износ од 3.000 евра при излегување од домот, а за што во минатото добиваа 250 до 300 евра. Дадени се добри услови и за оние што студираат со исплаќање надомест  додека не завршат со студирањето.

„Понудени се и други работи така  што комплетно е сменета сликата во овој дел кој во минатото беше целосно заборавен и оставен на маргините на времето да се поигрува  и понатаму откако  тие деца ќе излезат од домот да имаат сериозни потешкотии. Сега тоа е веќе завршена работа“, изјави Груевски.