Груевски: Инспекцискиот совет ќе го подигне нивото на инспекциите

Премиерот Никола Груевски очекува Инспекцискиот совет да започне со работа до крајот на оваа или на почетокот на наредната година и со тоа да се подигне стандардот и нивото на инспекциите во сите инспекциски служби.

„Распишан е конкурсот за избор на членови на Инспекцискиот совет. Членовите треба да бидат избрани во текот нанаредниот месец, по што ќе се донесе статутот кој веќе е во фаза на подготовка од нашите служби, но подоцна ќе биде предаден на Инспекцискиот совет за и тие да го погледнат и да видат дали е добар, да го усвојат и да се назначи стручна служба. Со тоа некаде околу нова година или на почекот на јануари Инспекцискиот совет треба да започне со работа“, прецизира премиерот Груевски.

Тој посочи дека Советот ќе има многу значајни ингеренции заради што очекува да направи сериозна промена кон подобрување во делот на инспекцискиот надзор.

„Новиот Инспекциски совет ќе има повеќе улоги. Прво ќе има регулаторна улога во смисла на регулирање на состојбите во инспекциите, на нивното работење, и на нивните статуси. Второ ќе има надзорна улога врз законитоста на работењето, односно ќе има можност да врши проверки на одредени инспекциски работи што се завршени и да одговара на преставки од граѓани или фирми кои што се жалат дека неправедно им е инспектиран локалот или нешто друго за да се провери работењето на инспекторот што тоа го направил. Исто така ќе проверуваат и кога инспекторите понекогаш затвораат очи пред нешто што е очигледно дека е незаконски и ќе имаат право да ги казнуваат и да им ги одземаат лиценците. Покрај тоа ќе има улога да спроведува образовни програми, разни семинари, но и подготовка на испити и спроведување на испити за добивање на лиценци“, појасни Груевски.

Истакна дека новина во законот е што секој инспектор во иднина ќе мора да биде лиценциран, ќе полага за таа лиценца и таа лиценца нема да му трае подолго од пет години.

„Лиценцата ќе трае пет години, со цел инспекторот подоцна повторно да треба да ги помине проверките и да излезе на испит за да видиме дали во меѓувреме ги следел добро промените на законите,  а освен тоа треба да ги следи и сите семинари коишто во меѓувреме ќе ги подготвуваат луѓето кои ќе бидат во Инспекцискиот совет“, нагласи Груевски.