Утре ќе биде промовиран Проектот „Употреба на уметноста каде што е тешко да се зборува – Размени меѓу уметници кои работат во социјалната област“

Во Охрид ќе се одржи прв јавен настан по повод отпочнувањето на проектот “Употреба на уметноста каде што е тешко да се зборува – Размени меѓу уметници кои работат во социјалната област”, чиј носител е К.Ц. Медиа Артес од Охрид. Проектот се реализира во партнерство со организацијата Refraction Association од Тирана, Албанија и истиот е поддржан преку ИПА програмата на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија.

Буџетот на проектот изнесува 58.360 евра. 85 % од финансиските средства се обезбедени од Европската Унија (претставувана преку Делегацијата на ЕУ во РМ), а останатите 15% од финансиските средства ги покрива Владата на Република Македонија.

Главната цел на проектот е да создаде – од двете страни на границата меѓу Македонија и Албанија- Мрежа на граѓански организации, организации од областа на културата, локални институции, неформални групи и уметници, кои работат со ранливи групи користејќи ја уметноста како средство и медиум.

Во рамки на проектот уметници од Шведска, кои имаат долгогодишно искуство во ваков тип на работа, ќе ги обучат своите колеги-уметници, како и други креативни професионалци, од Охрид и Струга за работа со ранливи групи. Исто така, проектот ја промовира соработката и размената на искуства на уметниците и психо-социјалните работници од Охрид и Струга со нивните колеги од Албанија, а во рамки на истиот ќе бидат имплементирани пилот-активности на работа на уметниците со различните ранливи групи на територија на општините Охрид и Струга, вклучувајќи млади луѓе, малцински групи, млади криминални престапници, лица кои се на третман од болести на зависност и сл.

Промоцијата на проектот ќе се одржи утре, 25 ноември (понеделник) во 12:00 часот, во салата за прес конференции на НУ „Охридско Лето“.