Македонски лекари ќе се обучуваат во израелскиот медицински центар Шнајдер

Министерот за здравство Никола Тодоров, кој придружуван од директорката на Универзитетската клиника за детски  болести д-р Аспазија Софијанова, е во еднодневна посета на Израел, потпиша Меморандум за соработка со реномираниот Детски медицински центар Шнајдер, со седиште во Тел Авив.

Детскиот медицински центар Шнајдер, соопшти Министерството за здравство, од своето основање во 1991 година е претпознатлив како институција за медицински и академски достигнувања.

Меморандумот е со важност од пет години, со можност за продолжување и подразбира соработка во делот на медицинската едукација и обука во следните области: педијатриска кардиологија и кардиохирургија, педијатриска хирургија, општа педијатрија, педијатриска анестезиологија, педијатриска неврохирругија, педијатриска ортопедска хирургија, педијатриска офталмологија, педијатриска оториноларингологија, педијатриска неврологија, педијатриска радиологија, како и други области од заеднички интерес.

Центарот „Шнајдер“ е единствена високоспецијализирана установа од ваков вид во Израел и Блискиот  Исток. Оваа здравствена установа претставува една од меѓународно водечките институции од областа на педијатриската интензивна нега, неонатологијата, третманот на изгореници, референтен центар за хемато-онкологија, ендокринологија и дијабетес, кардиологија, како и водечка институција во областа на трансплантација на коскена срцевина и трансплантации на органи, како срце, бубрези, црн дроб.

Со потпишаниот Меморандум за соработка предвидени се краткотрајни и долготрајни обуки на специјалисти-педијатри, педијатриски сестри, рентген техничари и други здравствени работници од Република Македонија, како и обука од страна на експерти од Шнајдер центарот во релевантните македонски здравствени установи, со што се овозможува нашите здравствени работници да имаат пристап до врвна медицинска едукација и  обука, се наведува во соопштението од МЗ.