Вечерва во просториите на Општина Дебрца се одржа трибина во присуство на заменик министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски. Темата на трибината беше новиот закон за земјоделски задруги и укрупнување на земјоделските парцели.
Заменик министерот Коњановски пред присутните го образложи новиот закон и функционирањето на задругите. Имено тој истакна дека со овој закон земјоделците ќе имаат поголеми придобивки од страна на државата, а исто така полесно ќе се дојде до пласман на производите. Менаџерот на задругите ќе добива плата од страна на државата во првите 5 години и тоа во првата година 100%, во втората 80%, во третата 60%, во четвртата 40% и во петата 20% односно после петата година задругата ќе има веќе застанато на здрави нозе. Други поволности ќе има во набавката на механизација каде што од страна на државата ќе има повраток на набавката во износ од 90%, истакна Коњановски.