Во врска со обвинувањата кои беа искажани на денешната прес-конференција од страна на ОО на СДСМ Охрид, за состојбата во образовните институции во Охрид, со реакција излезе Општина Охрид, во која стои:
„Најмалку непристојно и целосно неадекватно е СДСМ од Охрид да ја обвинува сегашната локалната самоуправа за преземените мерки во делот на образованието. Лицемерно е кога тоа го прави онаа политичка партија, која беше создавач на енормни долгови на општината и креатор на блокирани сметки во некои основни и средни училишта во Охрид. Факт е дека до доаѓањето на новата локална власт, дел од училиштата се соочуваа со блокирани сметки за струја, греење, превоз, неисплатени обврски кон јавни претпријатија и кон други субјекти кои извршувале услуги за нив.
Од доаѓањето на новата локална гарнитура, односно во периодот од 04.04.2013 до 15.11.2013 година во училиштата и детската градинка трансферирани се општински буџетски средства во висина од 15 милиони 614 илјади и 070 денари. Овие финансиски средства придонесоа за стабилизирање на состојбата и дадоа силен поттик за поддршка на инфраструктурни зафати кои се презедоа во училиштата и детската градинка. Не постои училишен објект во општина Охрид на кој повеќе или помалку инфраструктурно не е извршена интервенција, согласно доставените програми и потреби. Доколку Општина Охрид немаше наследена катастрофална финансиска состојба со над 33 милиони евра обврски кон доверители, финсиските средства до образовните институции сигурно ќе беа и позначајни.
Лажни се тврдењата дека досега некој е насилно отстранет од своето работно место во образовните институции. Единствено се прекинати договорите на времено ангажираните лица, после завршувањето на важноста на тие договори. Доколку сакаат да дознаат што е притисок врз вработени во образованието и во администрацијата, нека се обратат во општина Центар каде што нивниот пулен градоначалник, спроведува партиско-политички линч врз неистомисленици.
Во моментов, во тек се конкурси за избор на директори во основните и средните училишта, каде во законски утврдена и транспарентна постапка ќе се именуваат лица, кои ќе треба да го понесат товарот за структуирање на образовни институции како продолжувачи на длабоката образована традиција на овој простор.
Општина Охрид и понатака ќе ги подобрува условите за работа и престој на учениците, обезбедувајќи најдобри услови за развој на образованието во општината, затоа што тоа е еден од водечките приоритети и основа за создавање на современо и функционално општество.
И на крај, иронично е кога обвинувањата доаѓаат од партија која за своите ситни политички цели, само до пред 7 месеци насилно ги носеше и тормозеше вработените и учениците од образованите институции во општината по партиските митинзи и протести, задоволувајќи ја единствено партиска агенда, неводејќи сметка за образовните потреби на заедницата.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.