Министерството за труд и социјална политика денеска објави оглас за субвенционирање за вработување на невработени млади лица до 29 години, корисници на социјална парична помош. Вкупниот износ средства обезбеден за реализација на оваа програма е 12 милиони и 750 илјади денари за обезбедување на вработување на 125 лица.
„Ова е прва од ваков вид Програма што ќе ја спроведуваат Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа и Агенција за вработување на Република Македонија. Со неа се промовира вработувањето на младите луѓе во рамки на Проектот „Условен паричен надоместок”, кој се реализира со поддршка на Светска банка“, соопшти министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Предлогот, како што информираше тој, е направен врз основа на постоечката програма за субвенционирано вработување која веќе се имплементира од страна на Агенцијата за вработување, а која што е составен дел на годишните оперативни планови за активни програми и мерки за вработување. Основна цел на оваа Програма е да го олесни преодот на младите лица корисници на социјална парична помош на пазарот на трудот.
„Приоритет ќе се даде на младите корисници на социјална парична помош на возраст до 29 години кои се регистрирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување на Република Македонија“, изјави Спасов.
Министерството, појасни тој, ќе обезбеди субвенции за плати за период од шест месеци за младите лица корисници на социјална парична помош и со обврзување за работодавачите овие лица да ги задржат во работен однос уште дополнителни шест месеци.
„Потенцијалните корисници на субвенционирано вработување со оваа програма, се членови на домаќинства корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа. Субвенција согласно со оваа програма ќе може да се користи по поднесено барање од работодавач до Агенцијата, односно оние работодавачи кои ќе аплицираат на јавниот оглас“, рече министерот за труд и социјална политика.
Со програмата се предвидува вкупен износ на субвенција од 17 илјади денари месечно по вработено лице за период од шест месеци, од кои 14 илјади денари за исплата на месечна плата по вработено лице и три илјади денари месечно на работодавачот за покривање на трошоците за обука и материјали, за период од шест месеци. По истекот на шесте месеци на субвенцијата, работодавачот го задржува работникот најмалку дополнителни шест месеци односно вкупно 12 месеци.
„Водиме грижа и за правилна распределба на субвенциите помеѓу центрите за вработување во Република Македонија се со цел сите заинтересирани млади лица да имаат еднаков пристап до неа“, истакна Спасов.
Тој ги повика сите заинтересирани млади лица да се пријават за користење на оваа Програма. Огласот, објавен во медиумите и на веб страната на Министерството за труд и социјална политика, ќе трае до 20 декември.