Со низа активности ќе се одбележи Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА

Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА (1 до 7 декември), под мотото „ДА СТИГНЕМЕ ДО НУЛА“ (0 ХИВ инфекции, 0 дискриминација, 0 смртни случаи од СИДА), Црвен крст Охрид во соработка со НВО Опција, Центарот за јавно здравје и Локалниот совет на млади ќе ја одбележат со следните активности:  

„На  1 декември во 12 часот – Доверливо советување и тестирање (ДСТ) на Градскиот плоштад-можност секој заинтересиран да го дознае својот ХИВ статус преку тестирање за вирусот на ХИВ со брзи-рапид тестови, како и добивање на корисни совети од страна на стручни лица, за начинот на превенција и заштита од ХИВ/СИДА;  На 1. Декември од во периодот од 12 до 16 часот- Делење кондоми, панделки и флаери по охридсите кафулиња и на минувачите, од страна на едукатори за ХИВ/СИДА, проследено со кратки едукативни презентации ; На 1 декември во 17 часот  на  Градски плоштад-собир на младите со формирање на голема црвена панделка, презентација на едукативни клипови за ХИВ/СИДА на видео бимот, делење кондоми, флаери, совети на присутните, оригами производи поврзани со Светскиот ден за борба против СИДА. Исто така на 1 декември од 21 часот во кафулињата низ градот младите волонтери ќе ги анимираат своите врсници за начините на заштита и превенција од ХИВ/СИДА, преку кратки презентации, делење едукативен материјал и кондоми.“ – информираа од Црвениот крст, на денешната прес-конференција.

Следниот ден, односно на 2 декември ќе бидат дистрибуирани типизирани предавања во основните и средните училишта, со цел наставниците и професорите, на класните часови, да ги запознаат учениците со основните знаења за вирусот на ХИВ, како се пренесува и начините на заштита.

„Од 2 до 7 декември – Интерни ПИ-ЕР обуки за ХИВ/СИДА со младите волонтери на Црвен крст Охрид, кои понатака ќе шират врсничка едукација меѓу своите врсници во училиштата, Интерактивни едукативни предавања и трибини на ФТОН и УИНТ.“ – истакнаа од Црвениот крст.

Како што беше кажано на прес средбата, во текот на Неделата на борба против СИДА планирани се гостувања на едукаторите за СИДА и стручните соработници на Црвен крст Охрид, Опција Охрид и Центар за јавно здравје во емисии на локалните ТВ и радио станици, кои ќе зборуваат за опасностите и заштитата од СИДА и за тековните активности.

Според податоците на Центарот за јавно здравје во Охрид во месец ноември 2013 г.  откриено е едно ново лице ХИВ позитивно, машка особа, хетеросексуалец, на возраст од 20-29 години.