Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски заедно со членовите на Владата, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска оствари работна средба со членовите на претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
На состанокот се разговараше за работата, тековните активности и проекти на Академијата, како и нејзините планови за работа во иднина.
Премиерот Груевски се заблагодари на поканата при што истакна дека Владата на Република Македонија во рамките на своите можности ја поддржува работата на МАНУ, посочувајќи дека таквата соработка и инвестирањето во конкретни проекти во одредени области допринесе за подобрување на условите и развој на научната дејност, што е една од определбите на Владата.
Претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски изрази задоволство од досегашната соработка и проактивност на Владата и поддршката која Академијата ја добива, како што е инвестирањето во научни лаборатории и нова опрема што е клучна претпоставка за научен развој.
Премиерот Груевски беше запознаен на средбата со актуелните проекти кои се реализираат, нивното значење за научната и стручна јавност и нивната конкретна имплементација во практичните сфери.
Истовремено, премиерот Груевски беше информиран и за активноста на Академијата во општествената сфера и нејзиното дејствување во полето на актуелните прашања и тематики важни за Република Македонија, како од економската сфера така и од надворешната политика на државата. Истовремено, во наредниот период од страна на Академијата беше најавена поблиска соработка со повеќе научни академии од регионот и реализација на заеднички проекти што се важни за одржување на поблиски односи во научната и општествената сфера.
На средбата беше разговарано и за предизвиците со кои се соочува Академијата при што беа разгледувани и начините на нивното надминување, притоа беше посочена потребата за кадровска доекипираност за реализација на проектите од истражувачка дејност. Премиерот Груевски истакна дека Владата ќе го разгледа ова прашање и во рамките на своите ингеренции и ќе помогне во надминување на предизвикот.