Претседателот на СДСМ Зоран Заев во Охрид ја претстави новата програма.
„Тоа што можеме слободно да го констатираме е дека граѓаните се добро запознаени со мерките и решенијата од програмата на СДСМ и дека нашите предлози наидуваат на позитивен прием. Задоволството кај граѓаните е големо поради тоа што отворивме дебата и натпревар на економски теми. Сите граѓани од нас политичарите очекуваат натпревар на идеи и проекти, а не само меѓусебни критики.“ – рече на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Заев.
На прес средбата Заев објави неколку мерки од програмата на СДСМ како што рече за враќање на средната класа, а поврзани со децентрализацијата на власта.
„Децентрализацијата на власта е процес на приближување на одлучувањето до граѓаните. Избравме тоа да биде токму Охрид заради посебноста и важноста на Охрид. Охрид не е само гордост на охриѓани. Охрид е природна убавина и гордост на сите граѓани на Македонија. Охрид е бисерот на Македонија. Прва мерка, децентрализација на центрите за социјални работи. Пренесување на оваа надлежност на општините ќе овозможи транспарентност во одлучувањето во распределбата на социјалната помош. Втората мерка, децентрализација на примарната здравствена заштита. Оваа мерка ќе овозможи унапредување, осовременување и доекипирање на превентивната и примарна здравствена заштита. Трета мерка, децентрализација на секторот за јавен ред и мир од Министерството за внатрешни работи кон општините.“ – изјави Заев.
Како што рече Заев ова се само три од дваесетината мерки за децентрализација на власта од програмата на СДСМ. За останатите во иднина ќе се дебатира и дискутира.
Заев го искористи присуството во Охрид, за, како што кажа, да испрати јасна и прецизна порака до Владата за помош на Охрид.
„Сите знаеме дека се во тешка финансиска состојба сите општини во Македонија. Во Охрид е посебно тешка состојбата со долговите на општината. Блокираната сметка на општина Охрид еве повеќе од десет години е без било какви реални изгледи да биде одблокирана. На последните локални избори ВМРО–ДПМНЕ ја презема општина Охрид и сега управува со Охрид преку градоначалникот Бакрачески. Ја повикуваме Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги преземе барем обврските и долговите на општината створени од изградбата, доградбата и санацијата на колекторскиот систем за заштита на Охридското езеро и со тоа да го стабилизира и нормализира работењето на општина Охрид. Се работи за околу 10,5 милиони евра. Секако, ако Владата реши и на друг начин да го реши големиот проблем со кој повеке од деценија се справува Охрид ние како опозиција ќе ја поддржиме. Охридско езеро не е само на охриѓани туку е на сите граѓани во Република Македонија. Охрид е светско богатство. Проблемот на општина Охрид е проблем на Република Македонија и е само еден од многуте вакви проблеми кои ги има нашата земја и кои владата има обврска да ги решава.“ – заврши Заев.