Македонската про-бизнис Влада ги спроведе мерките за стимулација на инвестициите, договорите за слободна трговија и правните гаранции за да биде уште повеќе профитабилна и конкурентна за потенцијалните инвеститори. Уставот гарантира непристрасен третман на странските инвеститори, вклучувајќи и 100 проценти сопственост, целосна заштита на правата и без ограничувања во однос на профитот.
Ова го наведува во ноемвриското издание влијателниот магазин „Форбс“, кој подготви специјална едиција посветена на Македонија и економските перформанси што ги поседува земјата. Како дел од едицијата, објавен е и кус разговор со премиерот Никола Груевски.
Во текстот Македонија се нарекува Бисерот на Балканот, крстосница на големите светски цивилизации: Античката македонска, римската, византиската и отоманската.
– Денес, нацијата, која постигна независност во 1991 година, го задржува своето мултикултурно наследство и под водство на премиерот Никола Груевски изгради отворен, про-инвестициски бренд, како бизнис рај во Европа, се посочува во текстот на „Форбс“.
Македонија, пишува авторот, може да се пофали со локација на помалку од 2.000 километри оддалеченост од повеќето европски престолнини, исто така е во близина на Северна Африка, Азија и Блискиот Исток, и поседува одлична инфраструктура и исплатлива работна сила.
– Како тоа да е недоволно, македонската про-бизнис Влада ги спроведе мерките за стимулација на инвестициите, договорите за слободна трговија и правните гаранции за да биде уште повеќе профитабилна и конкурентна за потенцијалните инвеститори. Уставот гарантира непристрасен третман на странските инвеститори, вклучувајќи и 100% сопственост, целосна заштита на правата и без ограничувања во однос на профитот. Странците можат да купат и инвестираат во недвижности. Македонија е членка на Мултилатералната агенција за инвестициони гаранции (МИГА) и има склучено договори за заштита на инвестициите со многу земји во светот. При отворање на бизнис, едношалтерските и онлајн системи, овозможуваат регистрирање на компанија за само четири часа. Модерните закони за работни односи придонесуваат за флексибилно работно место, а издатоците и оперативните трошоци се пониски од оние на соседните земји. Инвеститорите имаат максимална корист од рамниот 10-процентен данок на добивка и персоналниот данок на доход, се наведува во текстот.
„Форбс“ натаму посочува на извештајот на Светската банка за „Доинг Бизнис 2013″, кој ја вброи Македонија меѓу првите пет најголеми реформатори во светот, а „Форбс“ ја оцени како 37-ма на својата листа на „Најдобри земји за бизнис” минатата година, 45 места повисоко отколку во 2007 година. – Со можности проширување на производството, слободни економски зони, недвижности, туризам, земјоделството и многу другите сектори, сега е вистинското време да се инвестира во Македонија, заклучува весникот.
По реизборот на премиерот Никола Груевски во јуни 2011 година за неговиот трет мандат, неговата Влада ја претстави својата програма до 2015 година, која се фокусира на пет стратешки цели: зголемување на економскиот раст и вработување за да се подобри квалитетот на животот на граѓаните; интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО; судски реформи и владеење на правото; одржување интер-етничката стабилност и односи и инвестирање во образованието, науката и информатиката, за развој на општество базирано на знаење, пишува „Форбс“.
Во првата декада по осамостојувањето, македонската економија почна да се придвижува, и покрај бројните надворешни и внатрешни предизвици. До 2006 година, земјата застана на нозе и постигна солиден годишен раст на БДП од 5 проценти, иако ефектите од глобалната финансиска криза беа почувствувани во 2009 година. По опоравувањето и забележаниот пораст на БДП од 2,8 проценти во 2011 година, економијата достигна вкупна вредност од речиси 10 милијарди долари до крајот на таа година. Првата половина на 2013 донесе уште една добри вести, со пораст на БДП од 2,8 проценти, над проекциите на Владата.
– Со население од нешто повеќе од 2 милиони, од кои четвртина живеат во главниот град, Скопје, Македонија можеби е скромно димензионирана, но нејзините глобални амбиции дефинитивно не се, оценува авторот. ЕУ и додели кандидатски статус на Македонија во 2005 година, а сите критериуми за членство во НАТО ги исполни во 2008 година. Иако спорот со Грција околу употребата на името сè уште претставува бариера, Македонија неодамна доби пофалби од ЕУ за нејзината демократија, правен систем и економија, и, како што наведува весникот, останува на вистинскиот пат за интеграција во двете организации, наведува весникот.
Премиерот Никола Груевски, одговарајќи на прашање на весникот за тоа каква слика сака да прикаже за земјата вели: „Влада која е отворена за комуникација, а во однос бизнисите преставува доверлив партнер за реализација на заеднички проекти што ќе придонесе за економскиот напредок на земјата и граѓаните. Во овој поглед, Владата, спроведува активни мерки и проекти и постепено ја менува слика за македонската економија. Денес, бизнисите во земјата укажуваат на јасната разлика меѓу минатото и сегашноста. Во извештајот на Светската банка „Дуинг Бизнис 2013“ Македонија се рангираше на повисоко место од 21 од 28 земји-членки на ЕУ, а PricewaterhouseCoopers, во својот извештај „Плаќање Даноци 2013“ ја стави на Македонија на 24-тото место како земја која има „најпријателски“ однос кон данокот споредена со земјите во светот. Економијата беше и ќе остане нашиот најголем приоритет“.
За тоа какви идеи вклучува уникатната продажба во Македонија Груевски одговара дека нашите производи и услуги може да се извезуваат без царина во Европа. – На прв поглед, ние сме мал пазар. Со оглед на нашите договори за слободна трговија со ЕУ и со повеќето европски земји, ние имаме многу интересна приказна. Македонија се карактеризира со најниски вкупни трошоци на водење бизниси, квалификувана и достапна работната сила по многу конкурентни цени, добра инфраструктура и поврзување во рок од помалку од три дена возење до кое било место во Европа, специјално дизајнирани слободни економски зони со целосно развиена инфраструктура и одлични шеми за стимулирање, вклучувајќи ги и ослободувањата од 10 – годишен личен данок на доход и корпоративен данок, како и грантови за создавање на работни места и обука, вели премиерот.
На прашањето кои други предности ги нуди Македонија, премиерот вели: едно лице кое ќе инвестира над 400.000 евра (околу $ 535,000) и ќе вработи најмалку десет лица има право на македонско државјанство. Лице кое ќе инвестира повеќе од 40.000 евра во недвижен имот (околу $ 53.500) може да добие престој во државата. Ова можеби не е релевантно за инвеститорите од САД или Западна Европа, но тоа би можело да биде многу значајно за инвеститорите од новите економии.
Области во кои се насочени инвестициите, истакнува Груевски, се општо производство, автомото индустријата, преработката на храна, рударство, ИКТ и туризмот се некои од областите кон кои сме насочени и кои се предност пред нашата конкуренција. – Меѓутоа, инвестициите во сите сектори ќе се разгледаат кога потенцијалните инвеститори ќе покажат интерес. Драстично ги намаливме административните и регулаторните оптоварувања за водење бизнис и ги рационализиравме прописите. Воведовме едношалтерски системи во Царинската и Даночната управа, Катастарот и дополнително, ја поедноставивме постапка за добивање на градежни и оперативни дозволи. Владата, исто така воведе субвенции за туроператорите и активно промовирање на земјата како туристичка дестинација, што резултираше со зголемување на бројката на влезниот туризам од над 13 проценти во последните две години, вели за „Форбс“ премиерот Никола Груевски.
Кон крајот на месец септември во рамките на економскиот дел од посетата на Соединетите Американски Држави, Груевски ја посети корпорацијата „Форбс“ каде што имаше и средба со нејзиниот потпретседател Кристофер Форбс. На средбата беше потпишан договор помеѓу Република Македонија и магазинот „Форбс“, еден од најреномираните магазини за бизнис во светот, кој печати околу еден милион копии на годишно ниво.