Во повеќе државни институции денеска е прв работен ден за дел од 1.600-те лица од социјално ранливи категории кои добија работа преку владиниот проект.
Во институции во состав на Министерството за труд и социјална политика се ангажирани околу 100 лица, а во ресорот образование и наука 80-ина. Со работа стартуваа и десетина лица во институции од областа на културата.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски заедно со директорот на ЈП „Македонски шуми“ Жарко Караџоски ги посетија лицата вработени во Драмскиот театар и Театарот Комедија.
„Денеска присуствуваме на првиот работен ден на групата од 11 вработени кои на огласот за социјално загрозени лица беа примени прво на конкурсот во „Македонски шуми“, но денеска се префрлени и им е првиот работен ден на работното место во Драмскиот театар и во Театарот Комедија. Тоа што го најавивме како заложба на Владата дека овие луѓе ќе бидат прерасподелени во институциите на реални работни места денеска се случува. Тие ќе пополнат важни позиции кои досега биле испразнети во овие две институции“, изјави вицепремиерот Пешевски.
Тој посочи дека иако постоеа коментари и забелешки за конкурсот се потврдува дека акцијата била транспарентна и изведена на најкоректен начин, бидејќи, како што кажа, од разговорите со лицата може да се заклуичи дека многу мал дел од нив реално верувале дека некојпат ќе успеат да се вработат.
„Определбата на Владата за креирање политики за згрижување на социјално загрозените семејства, но и генерално за подигнување на животниот стандард на луѓето и понатаму продолжува. Последната акција во таа насока е за лицата кои се со хендикеп, кои по завршувањето на конкурсот, исто така, ќе бидат префрлени на реални работни места“, рече Пешевски.
Караџоски прецизира дека во „Македонски шуми“ ќе останат само околу 60 од вкупно вработените 1.600 лица.
„За сите останати сме во фаза на потпишување на спогодби за веќе дефинираните и прецизирани работни места, кои ќе се реализраат до крајот на неделава. Денеска стартува на работа поголема група луѓе, а не само овие 11. Многу беа скептици, не веруваа и го критикуваа целиот процес и велеа дека станува збор за реклама, но со ова денеска се покажува дека било реалност“, рече Караџоски.
Директорката на Тетарот Комедија, Јелена Жугиќ истакна дека вработувањата во нивниот театар се добродојдени, бидејќи станува збор за новооформена национална институција која постои само две години.
„Овие работни места ни беа неопходни. Со нив во принцип ќе се пополнат клучните, за публиката невидливи работни места, но за нас значајни. Станува збор за сценски декоратери, тоа се оние луѓе позади сцената кои ја местат сценографијата, обезбедување и одржување на хигиена во објектот“, рече Жугиќ.
Нововработените во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје,пак, ги посети министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој им посака успешна работа.
„Ми претставува особено задоволство што имаме можност во органите во состав на Министерството за труд и социјална политика да ги примиме овие луѓе на работа. Верувам дека сега нивната состојба ќе биде многу подобрена“, изјави министерот Спасов.
Љупчо Зафировски, еден од вработените преку владиниот проект, кој е дипломиран правник и самохран родител, изјави дека бил без работа 10 години. За почеток ќе работи во одделенијата во Центарот и ќе ги помине потребните обуки.
„Се чувствувам реализиран. Со проектот 1.600 ми се променија видиците со вработувањето. Тоа што го ветува Владата го исполнува. Се надевам дека ќе одговорам на работните задачи“, изјави Зафировски.
Негира дека вработувањата преку владиниот проект се по „партиски клуч“, затоа што, како што рече, се сомневал но се покажало спротивното.
Преку проектот на Владата вработување добија и две садомијачки во ученичкиот дом „Здравко Цветковски“ во Скопје. Едната од нив, Веса Киранџиќ, изјави дека е задоволна што била избрана меѓу 1.600, зашто никој не работи во нејзиното четиричлено семејство со две малолетни деца. Таа е стечаец од а.д. ТИПО и за новото вработување чекала осум и пол години.
„Бев изненадена кога ми се јавија и дури не ми беше верно, така што побарав уште еднаш да ми се повтори дека јас сум таа, па ми го кажаа и матичниот број. Сега сум тука, прв ден на ова работно место. Благодарна сум и на Владата за проектот, а институцијата денеска ме прифати убаво“, рече Киранџиќ.
Според министерот за образование Спиро Ристовски, околу 80 лица од проектот за вработување, кои ги презема МОН, денеска се распоредени на содветни работни места.
„Во рамки на МОН со овој проект се распределени осумдесетина лица, кои од денеска се во повеќе институции на МОН. На сите им посакувам успех во животот и работата. Се чувствувам многу убаво зашто решивме да им помогнеме на луѓе на кои по ниеден основ не им била дадена шанса за вработување“, изјави Ристовски.
Лицата од социјално ранливите категории што добија работа од државата беа избрани со директно компјутерско рангирање, за што беше објавен оглас од ЈП „Македонски шуми“. Рангирањето беше извршена во рамки на отворена програма на Македонската телевизија. Изборот е направен од над 20.000 пријавени лица, согласно објавените критериуми. Беа опфатени четири групи лица: долгорочно невработени со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.