СДСМ: Го повикуваме градоначалникот да изготви и јавно да објави рекапитулација и спецификација на сите долгови на општината

Општинската организација на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија – Охрид, денес испрати реакција во врска со вчера одржаниот прес на градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески. Во продолжение следува интегралниот текст од реакцијата испратена до медиумите.

„Ја разбираме големата нервоза и загриженост на Бакрачески и на неговите налогодавачи од ДПМНЕ поради успешната средба на Заев со охриѓани во саботата и успешната промоција на програмата на СДСМ во Охрид. Разбираме зошто дури и во недела ги вознемируваат новинарите, за по секоја цена да одржат прес конференција, наместо градоначалникот да си се одмори по долгото патување од Дубровник, од каде што пристигна само неколку часа пред пресот. Недела вообичаено би требало да е ден за дружење со семејството и пријателите, ден за скијање на некој од околните зимски туристички центри или ден за оперирање во некоја болница во околните држави. Но, Бакрачески немаше избор – беше приморан од неговите налогодавачи да одржи прес-конференција на брзина, за да се обиде, по кој знае кој пат, да ги изманипулира охриѓани со целосно погрешно прикажани бројки и суми за долговите на општината. Меѓутоа, фактите кажуваат нешто сосема друго – општината беше финансиски заглавена уште од времето кога ДПМНЕ владееше со општината, во периодот од 1996 до 2005 година. Тоа истото важи и за јавните претпријатија. Вкупниот стар долг, направен во тој период, беше намален во времето на Александар Петрески, иако тогаш всушност се реализирани и најголемите инфраструктурни проекти што му беа потребни на градот. Граѓаните тоа го гледаа и тогаш, но го гледаат и сега, затоа што, освен обвинувања кон поранешните локални власти и освен празни ветувања, новата градска власт во првите 250 дена од своето владеење не реализира ниту еден позначаен проект од ветените приоритетни проекти во нивната изборна програма. И не само тоа, туку не изработи ниту еден нов проект, не го доби ветениот кредит од 3 милиони евра, не успеа да ја издејствува ветената финансиска инекција за општината и целосно ја промаши реализацијата на буџетот за 2013 година. И згора на тоа, во услови на наводна превработеност, преобемност и прегломазност на општинската администрација, секојдневно се вработуваат нови партиски војници на ДПМНЕ во општината и по јавните претпријатија. Само со една работа се согласуваме од изјавата на Бакрачески – дека Охриѓани заслужуваат искрен приод за да ја дознаат вистината и реалната состојба на општина Охрид, како и генезата на нејзиното задолжување. Затоа, го повикуваме градоначалникот да изготви и јавно да објави рекапитулација и спецификација на сите долгови на општината, со точни и прецизни финансиски и книговодствени податоци за секој поединечен долг – кога, зошто, како и од кого е направен. Тогаш точно ќе се види од каде и од кого е предизвикан цунами ефектот за нашата општина. А ако зборуваме за фактите, тогаш се прашуваме кој треба да им се извини на охриѓани и на сите граѓани во Република Македонија – дали Груевски или Бакречески во негово име – за огромната задолженост на нашата држава која достигна 40 % од бруто националниот доход, за стотиците милиони евра испумпани од нашата економија во други држави, за стотиците милиони евра фрлени на споменици и врби, за стотиците милиони евра кредити и камати што ќе треба сите ние да ги плаќаме од наредната година и за стотиците илјади граѓани што ја напуштија нашата држава и своите домови за да бараат посреќна иднина во странство за себе и за своите семејства. Кој ќе им се се извини на граѓаните за тоа?!“ – стои во реакцијата од ОО на СДСМ Охрид.