Повеќе пари од претпристапните фондови на Европската унија за програмскиот период 2014-2020 година во делот на транспортот, денеска побара министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески обраќајќи се на конференција во Брисел.
На средбата на министри за развој на сеопфатна мрежа на ССЕТО (Транспортна опсерваторија на Југоисточна Европа), ги претстави капиталните проекти за изградба и обновување на железничката и патната инфраструктура во Република Македонија.
„Во следниот плански период 2014-2020 имаме амбициозни цели – нашиот фокус ќе биде насочен на развивање на железничката мрежа во Република Македонија и подобрување на безбедноста во патниот и железнички сообраќај. Во оваа прилика би сакал да испратам јасна порака до членовите на Европската комисија дека и во следниот плански период треба да продолжиме на претходно поставениот курс што значи да продолжиме да инвестираме долж СЕЕТО – сеопфатната мрежа“, истакна министерот.
Тој посочи дека Европската унија треба да одвои повеќе средства за развој на СЕЕТО – сеопфатната мрежа. На овој начин, според Јанакиески, регионот на Југоисточна Европа ќе биде целосно интегриран во Европската унија, и ќе се овозможи слободен проток на луѓе и стоки и либерализирана и функционална пазарна економија.
Министерот Јанакиески се обрати во сесијата на тема „Предизвици и можности за финансирање“, каде ги претстави и проектите кои се реализираат во насока на подобрување на транспортната инфраструктура.
Во попладневните часови, министерот Јанакиески ќе оствари средба со заменик-претседателот на Европската комисија, одговорен за транспортот, Сиим Калас со кого е предвидено да се разговара за реализацијата на повеќе проекти кои се однесуваат на подобрување на транспортната инфраструктура.
На годинешниот состанок присуствуваат делегации претставени на високо ниво од сите земји во регионот, како и од Европската Комисија, земји-членки на Европската унија, меѓународни финансиски институции и различни организации од областа на транспортот.
Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа е регионална транспортна организација, формирана со Меморандумот за разбирање потпишан во 2004 година од страна на повеќе влади и Европската Комисија, чија цел е да промовира соработка за развој на главна и помошна инфраструктура на мултимодалната мрежа и да се промовира и зајакне локалниот капацитет за имплементација на инвестициони програми.