Попоски во Брисел: Македонија економски е на брза линија за пристап кон ЕУ, но политички е спречена

Има силна дискрепанца меѓу брза и спора линија за пристапување кон Европската унија, како на политичко, така и на економско ниво, а искуството последните години покажа дека нема секогаш координација меѓу нив.

Оваа порака на денешната дебата по повод 12-тата конференција “Западен Балкан: Брза и спора линија” во организација на невладините организации “Пријатели на Европа” и “Конрад Аденаур Штифтунг” ја испрати македонскито министер за надворешни работи Никола Попоски.

Попоски на дебатата на која присуствуваа и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, министерот за надворешни работи на Словачка Мирослав Лајчак и други високи политичари од Унијата, им порача дека политички, од 2005 година Македонија има кандидатски статус и пет последователни години добива препораки од Европската комисија за почеток на преговорите за членство, што според македонскиот министер – не се случува поради недостаток на консензус.

„Во овој случај, тоа тогаш значи дека не сме на брза линија. Од друга страна, сериозни реформи кои се бараат од ЕУ-интеграциски процес, ако нема политички модел, Македонија е пример за успех од многу аспекти. Економските димензии со кои сите се преокупирани во Брисел во однос на долгот и макроекономската стабилност и покрај предизвиците со кои се соочуваме во регионот, Македонија ги исполнува и има стабилна валута, но и е земја што има еден од најниските јавни долгови, односно четврти најнизок јавен долг на ниво на Европа,“ посочи Попоски, додавајќи дека во тој дел земјата ги исполнува Мастришките критериуми.

Како дел од поголема слика, според него, Македонија има екстремно отворена економија, 40 проценти од БДП е од увоз и извоз, како и дека покрај Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, Македонија има договор за слободна трговија и во рамки на земјите од ЕФТА и ЦЕФТА, како и со Турција и Украина.

„Затоа велам дека годиниве многу работи се случија. Некои реформи поврзани со ЕУ се природни, па ако немате ефикасно судство, тогаш тешко ќе привлечете инвеститори. За успешноста на Македонија во однос на можностите што како земја ги нуди за бизнис се индикаторите од рангирањето за “Дуинг бизнис” на Светската банка, каде од повеќе од 100 места пред неколку години, денеска Македонија се наоѓа на 25. место. Тоа не значи дека е задоволувачка позиција за нас оти има прашања со невработеност кои мора да ги решаваме на долг рок“, посочи шефот на македонската дипломатија.

Според Попоски, сепак се потребни реформи во образованиете, со цел да се има квалификувани личности на долг рок за индустриите, но потенцира дека земјите од Југоисточна Европа се движат кон ЕУ и кога сите ќе се приклучат, Унијата нема да биде иста како денес.

„Сите ние на идентичен начин се однесуваме кон реформите како и земјите-членки на Унијата, па дури и постигнуваме подобри реформи за прашања кои ние како европски пазар го постигнавме. Плус, нивото на помош на земјите кои веќе се приклучија на ЕУ последните години, сега е целосно различно. Сите имаме корист од структурните фондови за возови и аеродромска инфраструктура во рамки на Предпристапната помош (ИПА), а притоа се инсистира на добро владеење на правото и инфраструктурниот капацитет. Во моментов, повеќе европски компании бараат пазари во Африка и Северна Америка, а и енергетската мапа се менува оти како регион мора да се движиме кон целите оти сме сиромашен регион кој не лежи на гас и нафта па мора да бараме алтернативи“, потенцира Попоски.

Во однос на тоа дали Македонија ќе биде на брза линија за пристапување кон ЕУ, според минстерот зависи од индивидудалните перформанси. Тој посочи дека од 2000 година е формулирана т.н. Лисабонска стратегија и на тоа ниво работите се менуваат.

„Како брзо ќе достигнеме зависи и од земјите-членки, при што некои веќе се напред на тоа ниво, па затоа брза или спора линија е есенцијално прашање кое е зависно каква е испораката во клучни области за реформи. За Југоисточна Европа да се прошири како интегриран пазар ни трбеа помалку опструкции за прекугранична соработка. Многумина коментираат дека Балканот е регион, кој продуцира повеќе историја отколку што може да поднесе, што е специфична ситуација во Европа. Но, сите ние сериозно ги земаме зборовите на комесарот за проширување Штефан Филе за фокусирање на реални реформи оти ниту една цел за ЕУ-стандарди и членство за десет години во Унијата нема смисла за сите нас“, заклучи Попоски.

Во текот на утрешниот ден, шефот на македонската дипломатија во седиштето на НАТО ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки и контрибутори во операциите ширум светот на Алијансата.