Драги мои, дека малите по бројност етнички заедници, хронолошки, се соочувале со „кризи“ во идентитетот, е појава која не датира од поново време, истата има историска предходница, но и утврдени состојби и решенија, кои ќе помогнат, истите да се прилагодат на поновите општествено политички случувања.
Дека културно-националните кризи избиваат во транзиционите општества кон демократија/каков што е и случајот Р.Македонија/, и се објаснуваат со наследената неправедност кон малцинските групи, нерамноправен пристап кон ресурсите, всушност претставува борба на групации или конкретно на индивидуалматеријалисти, кои за лична виртуелна политичка позиционираност, се борат да се стекнат со статусот на „primus“ и да се одржат таквите ранливи малцинства надвор од нов пораз/keep minorities from losing/, W.Zartman.
Во тој хоризонт се и оние инструменти за кои расправа Вил Кумлика, самоуправни права и специјални права на репрезентација.
Кога го нудев моделот на „позитивна“ дискриминација, па и овие модалитети на специјални права, како еден вид компензација за наследената неправда кон етникумот на Египќаните, едноставно сакав да помогнам, да се спречи, онолку колку што се може, ерозијата на морални вредности и чуството на припадност кон својот етникум, за да се одбегне состојба на „условена“ контролираност од надворешно туѓо тело, кое може да претставува вовед кон тивка и културна асимилација.
Не случајно повикував на поддршка на нови политички авторитети, со демократска црта, конкретно на еден нов профил на политичар, во ликот и делото на д-р Никола Бакрачески, како модерен политичар, во кој многумина Египќани, увидоа конкретна, храбра, решителна личност, кој може да направи коренити ПРОМЕНИ, и враќање на добро утврдениот систем на морални вредности и конечно делегитимирање на наметнатиот страв, кој беше стекнат последните неколку години/мислам во Охрид/.
Но, околностите наметнуваат низа причинско последични прашања, од кои, дозволете ми да истакнам едно: Дали е доволен само д-р Никола Бакрачески, за да направи ПРОМЕНИ, кон враќање во нормалната состојба, па дури потоа да се почне од почеток? Одговорот е повеќе и од јасен, еден човек, е ужасно тешко да придвижи еден таков гломазен и реално комплициран проект, особено во услови кога жолчно се бори да го врати градот Охрид, во една нормала, ако веќе таков поим, во вакви наследени околности, смееме и да употребиме.
Во последно време, врз мојот народ, почна нескриено, дури со елементи на агресивност, да се применува методологијата на тивка и културна асимилација на Египќаните. Се навлегува во ткивото на посебноста и автохтоноста на Египќаните во Р.Македонија, кои според наши интерни проценки и сознанија, ги има над 30.000 во Р.Македонија, од кои само над 500 декларирани Египќани во Шуто Оризари, кои се изјаснале како Египќани, на последниот поништен попис. Асимилацијата доаѓа од одредени групи на политичка, но и финансиска моќ, а нивната база се наоѓа во земја членка на ЕУ, но и од одредени групи, лоцирани во наша непосредна близина, што е дополнителна иницијална каписла, кон остварување на целта, целосна потчинетост и „клечење на колена“ на припадниците на етничкиот кампус на Египќаните кон нивна делумна, на среден рок, асимилација и на сметка на обичниот Египќанец, сакаат да инкорпорираат визуелна политичка вредност, на политичкиот простор во Р.Македонија.
Дефинитивно, создадена е зрела состојба на длабока загриженост за ваквите состојби, но истовремено и голем отпор и негација кон таквите индивидуалматеријалисти и групации, особено од страна на Египќани, кои давале, даваат, а и ќе дадат, сериозен и темелит труд и придонес, било на политички, научен, или општествен план, за зачувување на овој етникум, како етникум, клучен за одржување во живот, на инаку ужасно тешките за одржување мултиетнички и мултикултурни општества. Оттука сме и големи оптимисти, дека Владата на Р.Македонија, ќе инвестира во ова лојална, автохтона и автентична етничка заеденица, а се со цел да опстане како релевантен чинител во мултиетничката карта на нашата заедничка татковина Р.Македонија. Во таа насока, ја охрабруваме Владата на Р.Македонија, да отпочне со институционална интеграција на Египќаните, реализирање на нивните со Устав загарантирани права и слободи, доследна имплементација на Охридскиот Рамковен Договор, како и адекватна и правична застапеност. Во ова насока, за да се спречат ваквите недемократски дејанија, неминовна ќе биде и поддршката и од страна на Локалните Самоуправи, каде со векови егзистираат Египќаните. Добар репер за тоа е градот Охрид, и градоначалникот д-р Никола Бакрачески. Ако не се преземат ваквите предложени постапки, стравуваме дека Египќаните ќе ги снема од мултиетничката карта на Р.Македонија, што истовремено ќе претставува и сериозна закана и за стабилноста на државата, имајќи ги во предвид мошне комплицираните меѓуетнички односи. Конструкцијата што ја изложив, има потреба свесно да се потпре на минималистичка етичка платформа. Насилството не е неопходно „судено“ ниту предодредено за решавање конфликти, во ниедна па во тој контекст ниту во вакви должничко доверителски односи, кои неприродно се продефилираа како осов за криза на идентитетот на Египќанскиот етникум, кој за жал, сега за сега е предмет на манипулација. Но, секогаш во животот треба да се гледа оптимистички, храбро и разумно постапување, бидејќи се што е неприродно е „осудено“ на пропаст, без притоа и баш ништо да не преземеш во насока на демократска легитимна политичка акција.
Демир Далип – овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.