Годинава идентификувани 13 жртви на трговија со луѓе

Министерството за внатрешни работи во текот на годинава идентификувало 13 жртви на трговија со луѓе, од кои осум се малолетни лица, а пет полнолетни. Од вкупниот број осум лица се државјани на Република Македонија од кои две лица се тргувани во Франција, едно во Швајцарија и едно во Хрватска, а пет лица се странски државјани од Албанија, Косово и Србија. Сите идентификувани лица биле од женски пол и главно се работи за сексуална и трудова експлоатација.

„Во прифатниот центар за странци згрижени се 11 потенцијални странски жртви. Потеклото на овие жртви е најчесто од Србија и Косово. Подигнати се обвиненија против шест лица, а донесена е и една пресуда со 5,5 години казна затвор за едно лице“, информира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на промоцијата на кампањата „Пресечете ги конците на трудовата експлоатација и трговијата со деца во Македонија“. 

Таа издвои два предмети, за кои во моментов се водат судски постапки. Во едниот, рече,  се работи за трговија со малолетни лица во кои има тројца обвинети и овој предмет е во фаза на главен претрес, а во вториот случај има еден обвинет и е во жалбена постапка.

„Сето ова покажува дека ова е тешка форма на организиран криминал и најтешка форма на експлоатација и нарушување на човековите права, каде што за жал не е доволна само активноста на институциите надлежни за спроведување на законот, туку во голема мера мора да придонесе целото општество, пред се преку подигање на свеста за ваквата појава, разговори со потенцијалните жртви, со ранливите категории и поголема општествена активност во насока на помош на лицата кои веќе се нашле во ситуација на жртви“, рече министерката Јанкулоска.

Токму заради тоа, како што истакна, годинава најголем дел од промотивните активности се спроведувале во местата каде има најголема фрекфенција на луѓе од сите старосни и социјални категории за да може да запознаат колку што е можно повеќе лица со потенцијалните опасности и да се подигне свеста за потребата од учество во поддршка на оние лица кои се јавиле како жртви.

„За таа цел преземени се не само промотовини активности во насока на подигнување на свеста, туку и конкретни активности кои значат поддршка на жртвите. Тоа значи дека годинава ставивме поголем акцент на можноста на секој граѓанин кој ќе процени дека има волја и можност да даде поддршка за жртвите да го направи тоа преку донација и да придонесе за подобрување на статусот на тие лица во општеството. За таа цел отворени се и телефони за донација 143 404, но и по електорнски пат преку веб страницата која е специјално креирана за оваа намена www.doniraj.mk“, рече министерката за внатрешни работи.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека институцијата со која тој раководи презема мерки и активности во борбата против трговијата со луѓе и особено со деца.

„Тоа претставува деградирање на основните човекови права и темна дамка на современото општество. Продажбата на деца и на луѓето воопшто не смее да се случува и сите заедно треба да дадеме придонес и бескомпромисно да се бориме против ова современо зло. Во таа насока како МТСП согласно со светските и европските стандарди преземаме конкретни мерки за воспоставување на целосна законска и институционална рамка за помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе“, рече Спасов.

Додаде дека со цел да се има кординиран пристап се воспоставил национален механизам за упатување заштита и помош на жртвите на трговија со луѓе, особено на децата, но и на нивната ресоцијализација и реинтеграција во општеството. Се отвори, рече, и државен центар за заштита на жртвите на трговија со луѓе, а се пристапило и кон измена на законските акти за да се овозможи беслатна законска заштита на овие лица.

Кампањата, која годинава се реализира под мотото, „Пресечете ги конците на трудовата експлоатација и трговија со деца“ ја спроведуваат Националната комисија за спречување на трговија со луѓе, МВР, МТСП, Центарот за институционален развој ЦИРа, организации, здруженија…