Извидничкиот Одред „Пионер“ од Охрид се приклучи кон големото светско извидничко-скаутско движење

Според програмата на Извидничкиот Одред „ПИОНЕР“ од Охрид, вчера се одржа свеченост по повод давањето на ИЗВИДНИЧКИОТ ЗАВЕТ на целиот одред,  Со овој свечен чин одредот и извидниците во него и официјално се приклучија кон големото светско извидничко-скаутско движење кое брои повеќе од 28 милиони членови во повеќе од 200 земји, претставувајќи го нашиот град насекаде каде што ќе престојуваат и работат. На свеченоста присуствуваа претставници од Сојузот на извидници на Македонија, извидници од Струга и Скопје, голем број на родители, пријатели и поддржувачи на извидништвото.

Извидништвото е движење за децата и младите, во кое, за постигнување  на  целите и програмата  им помагаат  возрасните членови  на организацијата. 

 Извидниците  обично се занимаваат со  запознавање на природата, дружење (социјализација на децата) и учење на корисни вештини, кое може да им помогне во понатамошниот живот како, во цивилизираниот свет, така и  во дивината. Активности кои ги практикуваат извидниците се состаноци, излети, посети, биваци, зимовања, колонии, логорувања, меѓусебни натпревари  и извиднички смотри.Поважни знаења кои при тоа ги стекнуваат се : ориентација на карта и во природа, топографијата, запознавање на флората и фауната, врзување на јазли, учење на  патни знаци, извиднички песни, игри на отворен и затворен простор, пионерство, сигнализација, прва помош  и друго. 

Извидништвото го надополнува училиштето и семејството во работи кои се недостижни за нив. Тоа открива еден свет надвор од ѕидовите на училницата, ја поттикнува желбата за истражување, откривање и знаење. Извидниците секогаш активно ги применуваат своите знаења и великодушно ги делат со другите.

„Извидништвото им помага на младите луѓе да  изградат сопствен, хармоничен, физички, интелектуален, општествен и духовен живот, преку забава и разонода, а одлуката за пристапување и останување во извидништвото ја донесуваат самите, врз основа на бројни и интересни програми. Извидниците не претставуваат ниту една политичка партија или организација, но сепак, тие се активно  вклучени во работата за добробит на заедницата, општеството и државата. Извидништвото не познава граници, раса, религија или вера, во склад со принципите на нејзиниот основоположник  лордот Роберт Баден- Пауел.Од своето основање во 1907 година.  извидништвото никогаш не престанало да расте. Денес постојат повеќе од 28 милиони членови извидници, скаути- момчиња и девојчиња, младинци и девојки, во повеќе од 200 земји и територии во светот.“ – истакнуваат од ИО „Пионер“.  

Додаваат дека во изминатите 20 години Извидничкото движење го одвостручи своето членство. Голем број на нови членови се појавуваат во земјите во транзиција бидејќи извидничкото движење придонесува и за развојот на демократијата и граѓанското општество. Извидниците денес се вклучени во голем број на активности на локалната заедница. Работат заедно со пријатели, соседи, и челници на локалната власт, настојувајќи  да ги решат проблемите на заедницата. Иако извидничкиот живот е поврзан со природата, тие учествуваат и во превенција на зависности, заштита на детските права, заштита на животната средина и развојот на локалните заедници и граѓанското општество.

Извидничкиот Одред „ПИОНЕР“ e  формиран пред единаесет месеци. Единствениот мотив за тоа била споредбата на животот на децата и младите во времето кога тие растеле и овој денес.

„Чувствувавме потреба дека на нашите деца денес им недостига природата,им недостига другарството,им недостигаат друштвени игри,им недостига практична настава за се она што го учат во своите образовни процеси во училиштата. И каде на друго место и како на друг начин да им го предочиме и овозможиме сето тоа тоа туку само и само преку извидништвото.“ – велат од одредот.

Во извидничкиот одред  „Пионер“ Охрид покрај тековната програма, статутарно има и клуб на пријатели, ветерани, почесни гости и како што велат вратите за таму  се отворени за секој што сака да помогне.