Програми за советување ученици во основните и во средните училишта

Министерството за образование и наука изготви две програми за советување на учениците во основните и во средните училишта во кои јасно се утврдени постапките по кои треба да се одвива советодавната работа.

Прв чекор е идентификување на учениците што имаат некој проблем, а вториот е ученикот да се упати кај училишниот психолог на советување кое може да биде индивидуално или групно.

Во програмите се прецизирани техники, правила и рокови на советувањето, а завршениот процес се документира со пополнување пропишани обрасци. Главна цел е да се надмине проблемот со кој се соочува некој ученик – нередовност  (ако има повеќе од 10 неоправдани или 100 оправдани отсуства од настава), манифестирање несоодветно однесување, слаби оценки…

„Програмите за советување ќе придонесат за јакнење на воспитната улога на психолошко-педагошките служби во училиштата, пред се на наставниците како клучна алка во воспитно-образовниот процес, затоа што тие се лицата кои поминуваат најмногу време со учениците и први ги детектираат симптоматичните однесувања кај нив, а потоа пристапуваат кон надминувањето на одреден проблем или причина која предизвикала негативен ефект во процесот на нивната едукација. Програмите веќе се објавени во Службен весник и се стапени во сила“, рече на прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Тој информираше дека во минатата учебна година биле реализирани 6.900 советувања на ученици за различни видови проблеми.

За успешна реализација на оваа законска обврска, МОН ќе го доекипира стручниот кадар во Педагошката служба. Во тек е оглас за вработување пет стручни профили, како и обезбедување профили педагог и/или психолог во сите училишта каде ги нема. Планирано е етапно да бидат вработени 294 лица (педагози и психолози), од кои 90 во првата фаза.