Во текот на 49-тата недела од 2013 година (од 02.12-08.12.2013 година), во Република Македонија, на групните пријави за грип се пријавени 61 лица со симптоми на грип.
Во споредба со бројот на заболени за 49-тата недела од минатата сезона (80), се бележи намалување за 31,1%, а во однос на просечниот број заболени во изминатиот 10-годишен период (21), се регистрираат 2,9 пати повеќе заболени лица од грип.
Вкупниот број на заболени од грип во републиката од почетокот на сезоната 2013/2014 (40 недела, 2013) заклучно со 49-тата недела, изнесува 432 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.
Во споредба со истиот период минатата година (381), постои зголемување на вкупниот број на заболени лица за 13,4%, а во однос на просекот за истиот период во последните 10 години (107), зголемувањето на бројот на заболени во оваа сезона изнесува 4 пати.
Во однос на дистрибуцијата по месеци, во месец ноември има регистрирано 289 случаи со сиптоми на грип или 3,5 пати повеќе во однос на месец октомври.
Најголем МБ во оваа сезона е регистриран во ПЕ Пехчево (30,8/10.000), а најголем број на заболени се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Куманово, ЦЈЗ Тетово, ЦЈЗ Скопје и ЦЈЗ Струмица.
Бројот на заболени и морбидитетот по возрасни групи, во сезоната 2013/2014 е прикажан во Табела 1. Најголем број на заболени има во возрасната група од 15-64 години, а морбидитетот на 10.000 жители е највисок кај најмладите, од 0-4 години возраст.
Во текот на 49-тата недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ потврдено е присуство на инфлуенца вирус А/H1 во три материјали. Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 12 хумани материјали од здравствените установи, од амбулантски и болнички лекувани пациенти.
До крајот на 49-тата недела, против сезонски грип се вакцинирани вкупно 23.954 лица и потрошени се 99,9% од набавените вакцини во јавно-здравствените институции кои се овластени за вакцинација против грип.
Во извештајот за движењето на вирусот на грип во сезоната 2013/2014 во Европа, според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 48-ма недела, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво, а A(H1N1)pdm09, A(H3N2) и тип-B вирусите циркулираат истовремено.
Во текот на 48-мата недела, бројот на позитивни резултати од тестираните примероци остана низок. Од тестирани 6.371 примероци од лица со заболувања слични на грипот (ILI), акутни респираторни инфекции (ARI), како и тешки акутни респираторни инфекции (SARI), само 94 или 1,5% биле позитивни за грип, а од нив 69% биле позитивни на influenza A, додека 31% на influenza B.
Од почетокот на сезоната се детектирани и типизирани 528 примероци на вируси на грип. Од нив, 29% се типизирани како influenza B и 71% како influenza A.
Од influenza A типизираните наоди, 233 се субтипизирани – од нив 104 (45%) се A(H1N1)pdm09 и 129 (55%) се A(H3N2). Сепак, бројот на пријавени субтипизирани вируси е премногу мал за да се прогласи кој тип е доминантен оваа сезона.
Почнувајќи од 40 недела 2013 година, 3 европски земји – Германија, Португалија и Велика Британија антигенетски диференцирале 11 вируси на грип (A(H1N1)pdm09), а шест земји од европскиот регион (Шведска, Финска, Данска, Шпанија, Португалија и Норвешка) генетски диференцирале 29 различни подтипови на вирусот на грип (12 A(H3N2), 15 A(H1N1)pdm09 и 2 influenza B).
Слично како и во претходните недели, сите земји кои доставиле податоци за 48-мата недела од 2013 година, известуваат воглавно за стабилен тренд на ILI инфекциите, без или со ниска активност на вирусот на грип, што одговара на соодветниот период од минатата година.
Во земјите кои испратиле извештај за 48-мата недела, бројот на хоспитализирани болни од тешки акутни респираторни инфекции (SARI) останува на нивото од претходните недели и на меѓусезонско ниво.