Кина најавува нова мисија на Месечината

По успешното слетување на Месечината, Кина денес најави дека планира лунарна мисија, со цел на Земјата да се донесат примероци од земјиштето и карпите од Месечината.

Новата мисија е планирана за 2017 година, со што би се овозможило и слетување на астронаут на Месечината по 2020 година.

Изминатиот викенд, истражувачкото вселенско летало „Чанге-3“ успешно слета на површината од Месечината, со што Кина стана прва земја која тоа го направила во текот на изминатите 37 години. Лунарното возило „Јуту“ веќе започна да ги испраќа првите снимки од Месечината.

Она што ќе се спроведува за време на научното истражување е анализа на структурата на Месечината, како и природните ресурси.

Кина истакнува дека програмата има цел за научно истражување на Месечината и развој на вселенска технологија за подготовка на пошироко вселенско истражување во иднина.

Американска сонда кружи околу Месечината и анализира детали од површината, како вовед за изградба на лунарна станица. Исто така, Индиска сонда во 2009 година откри остатоци од вода на Месечината, а две години порано и Јапонија упати ракета во орбитата на Месечината.

Месечината се смета како идеално место за поврзување, пред да се оди кон Марс, но и подалеку.