Во образовната програма „Еразмус плус“ достапни 3,5 милиони евра за Македонија во 2014 година

Македонија рамноправно со земјите-членки на Европската унија од јануари 2014 година ќе учествува во новата седумгодишна програма за едукација, обуки, млади и спорт на Европската комисија – „Еразмус плус“ (2014-2020). Програмата во земјава ќе ја спроведува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Буџетот за Македонија во првата година (2014) е 3,5 милиони евра, што е двојно поголем од буџетите што беа на располагање во 2013-та, за досегашните образовни програми на ЕК – „Доживотно  учење“ и „Млади во акција“.

Главна цел на „Еразмус плус“ е зајакнување на вештините и подготвеноста за вработување, модернизирање на образованието, обуката и работа за младите. Вкупниот буџет за  седумгодишната програма ќе биде 14,7 милијарди евра, што е  зголемување од 40 отсто во однос на претходните програми. 

„Еразмус плус“ (Erasmus +) денеска беше презентирана на генерална конференција во Скопје, со учество на Министерството за образование и наука, Националната агенција и претставници на Европската унија.

Директорот на Агенцијата Дарко Димитров истакна дека  се подготвени за имплементација на програмата.

„Сите отворени акции за Република Македонија ќе може да ги користат студентите, професорите, училиштата, универзитетите, компаниите… во сите области на образованието и обуката. Ги поканувам сите вклучени во ова поле да аплицираат на повиците кои ќе ги објавува Националната агенција, која ќе ја имплементира програмата на национално ниво“,  рече Димитров.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски ги охрабри студентите, професорите, наставниците, волонтерите, стажантите и сите млади креативци да аплицираат за грантови со кои ќе ги остварат своите проекти и истражувања. Тој изјави дека со поддршката што Македонија официјално ја доби денеска, голем број сегменти од македонскиот образовен систем влегуваат во голем океан на можности што ги нуди програмата. Нагласи дека распределбата на средствата ќе биде транспарентна и со мониторинг на ЕУ со што, како што рече, ќе се тргне немилата епизода од пред пет години, а Македонија ќе ја оправда довербата и пред ЕУ-фондовите и пред домашната јавност. 

„Ја изразувам нашата благодарност затоа што Република Македонија ги реализираше сите потребни подготвителни чекори за да биде дел од новата програма. За нас како држава на располагање ни се определени околу 3,5 милиони евра европски средства. Апелирам до сите чинители во општеството кои ќе бидат директно засегнати и ќе имаат можност да аплицираат да ги искористат овие средства и максимално да се фокусираат целосно и правилно да ги подготват своите апликации, да ги обезбедат поддршките и со тоа да обезбедат финансиска поддршка за реализација на нивните проекти и истражувања. Можеме да гарантираме дека ќе се обезбеди максимална транспарентност, сигурност и квалитет во процесот на селекција на проектите, за да се избегнат сите шпекулации од минатото“, рече Ристовски.

Мартин Клауке, раководител на одделот за оперативни работи во Делегацијата на ЕУ во Македонија,  истакна дека „Еразмус“ е сржта на европската идеја за спојување на млади луѓе за тие заедно да учат и да споделуваат културни и образовни искуства во градењето заедничка и  посилна Европа, како и за социоекономскиот развој на вклучените земји.

Вјерослава Зуфова од Генералниот директорат за образование и култура во ЕК ја поздрави ангажираноста на Националната агенција и на МОН и им го честиташе постигнатиот голем напредок во изминатите две години.

Во презентацијата на „Еразмус плус“ таа истакна дека главна цел е преку интернационализација на образованието, интеракција на формалното и неформалното образование и синергија на различни сектори да се намали невработеноста на младите Европејци, посочувајќи дека на крајот на 2013 невработени биле 5,7 милиони млади во 28-те земји на ЕУ.

Втор проблем на кој се фокусира новата програма е недостигот на вештини, зашто една третина од компаниите во Европа имаат проблем да најдат луѓе со соодветни вештини за да  ги пополнат работните места.  „Еразмус плус“ ќе ги поддржи и политичките цели формулирани во стратегијата „Европа 2020“.

„На крајот од седумгодишниот период на оваа програма би сакале да имаме два милиона високообразовани обучени во странство, 650.000 стручни ученици кои дел од образование и обука ќе поминат во друга земја, би сакале да имаме половина милион млади луѓе кои ќе работат како доброволци во странство или ќе учествуваат во размена на млади луѓе и би сакале да имаме 800.000 предавачи, наставници и друг образовен персонал кој ќе биде обучен за нивната работа во странство…“, рече Зуфова.

Износите на грантовите во оваа програма во Македонија ќе бидат различни  (од 1.000 до 60.000 евра) во зависност дали мобилноста што се организира е индивидуална (пр. за обука на поединец или за предавач кој ќе гостува во странство) или групна (пр. групи од ученици и наставници на обуки или работен ангажман во странство).

Македонија отсега има и национална канцеларија на Еуропас (Europass) и се поврзува со централата на овој веб-портал – т.н. европски пасош за лични вештини, квалификации, компетитивност заради нивна споредливост. Од неговото отворање во 2005 година, внесени се 32 милиони онлајн CV-ја, со што е најпопуларен и најмногу користен шаблон  во светот.

Националната агенција за образование и мобилност (www.na.org.mk) преку програмите „Доживотно учење“ и „Млади во акција“ финансираше над 300 проекти во износ од над 3 милиони евра и опфати повеќе од илјада учесници кои стекнаа европски искуства.