Здружението Опција – Охрид традиционално ќе го одбележи „Светскиот ден за борба против насилство врз сексуални работници“

Во рамките на своите активности од здравствено-превентивната област, а со цел подигање на нивото на свеста кај населението но и самата целна група, Здружението Опција – Охрид традиционално ќе  го одбележи 17 Декември „Светскиот ден за борба против насилство врз сексуални работници“. Во план е да се спроведат низа активности во текот на целата недела: делење на едукативен материјал  во дневен центар и на терен,  делење на едукативен материјал на студенти, едукативни работилници со целната група, учество во локални медиуми каде што ќе се говори за значењето на 17 Декември и црвениот чадор.  

17 Декември претставува Интернационален ден за крај на насилството врз сексуалните работници. Овој настан е со цел да се обрне внимание на криминалните дејства кои се вршат врз сексуалните работници од целиот свет. Идејата е на д-р Ени Спринкл, а започната во САД како спомен и бдеење за жртвите на серискиот убиец од Грин Ривер, Сиетел – Вашингтон. Црвениот чадор за прв пат е искористен во Венеција – Италија во 2001 година од страна на сексуалните работници со што се укажува на лошите услови за работа и злоупотреба на човековите права со кои тие се соочуваат. Црвената боја означува боја на љубовта, убавината, а самиот чадор отпор против сите човекови напади и осудувања.