Македонија и Албанија ја интензивираат соработката во земјоделството

Зголемување на размената во земјоделството преку интензивна соработка меѓу надлежните институции и бизнис заедниците од двете земји, договорија денеска ресорните министри на Македонија и Албанија Љупчо Димовски и Едмонд Панарити.

Димовски и Панарити на средба во Скопје се согласија дека се неопходни  засилени мерки за заштитата на охридската пастрмка. Ќе се спроведуваат ригорозни контроли на риболовот од албанска страна, но и заеднички иницијативи за зачувување на биодиверзитетот во Преспанското езеро.

„Македонија и Албанија во делот на земјоделството немаат отворени прашања, ниту какви било проблеми, но соработката мора да се унапреди зашто размената е многу мала. За таа цел ќе формираме работна група преку која ќе се координираат натамошните институционални активности“, рече министерот Димовски на прес-конференција по средбата.

Според Димовски, Македонија на албанскиот пазар може да пласира градинарски производи и овошје, а оттаму да увезе морски плодови, лимони, портокали, маслинки и маслиново масло.

Изразувајќи задоволство од конструктивноста на разговорите, министерот Панарити напомена дека Албанија мора да го следи македонскиот пример за обезбедување финансиска поддршка во земјоделството.

„Заинтересирани сме за вашите искуства во однос на субвенционирањето и успехот од распределбата на поддршката. Тоа е и една од причините зашто дојдовме, да научиме од вас околу креирањето на политиката на финансиската поддршка и тоа да го примениме во Албанија“, посочи Панарити кој пристигна во Македонија со директорката на Платежната агенција на Албанија.

Димовски и Панарити по средбата во Министерството за земјоделство заминаа во посета на Платежната агенција каде албанските претставници директно ќе имаат можност да се запознаат со реализирањето на ИПАРД средствата и државната поддршка.

Во насока на интензивирање на аграрната соработка, министерот Димовски најави скора посета на Албанија со група стопанственици.